28/03/2024
Македонија

Иванов на средба со заменик претседателот на Владата и Министер за надворешни и европски работи на Хрватска

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-а Марија Пејчиновиќ Буриќ, заменик претседател на Владата и Министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска.

Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат пријателски односи со висок степен на меѓусебна доверба и заеднички заложби за унапредување на регионалната соработка, мир и стабилност во регионот.

На средбата беа разменети мислења за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелните состојби во однос на исполнување на стратешките цели на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов се заблагодари за отворената поддршка од Република Хрватска за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија и оцени дека новата Стратегија за проширување на Европската комисија е позитивен сигнал за преземање на одлучувачки чекори за Република Македонија и определување на датум за почеток на преговори за членство на Советот на ЕУ во јуни. Во таа насока, претседателот Иванов се заблагодари за конструктивниот став на Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

Македонскиот претседател посочи дека двете земји треба да се фокусираат на проекти од значење за економскиот развој и изрази очекување дека успешната и континуирана соработка во одбраната, како и соработката за справување со мигрантската криза, ќе продолжат и во иднина.

Во насока на интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, претседателот Иванов изрази задоволство од претстојната официјална посета на претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар Китаровиќ на Република Македонија и нејзиното учество на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи на 28 април во Скопје. Процесот Брдо-Бриони, потенцираше претседателот Иванов, е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.