23/04/2024
Македонија

Изготвен нов текст на Предлогот на Закон за приватните агенции за вработување

Во последните месеци од минатата година беше изготвен нов текст на Предлогот на Закон за приватните агенции за вработување. Во процесот беше обезбедено широко учество на сите засегнати страни, вклучително и на постоечките агенции за посредување за вработување и агенции за привремени вработувања.

Основањето и функционирањето на постоечките два типа на приватни агенции за вработување, агенциите за посредување за вработување во земјата и во странство и агенциите за привремени вработувања, беше уредено со два посебни закони: Законот за агенциите за привремени вработувања и Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. Ваквото уредување на материјата, којашто по својата суштина е многу слична, честопати доведуваше до забуна и правна несигурност кај потенцијалните кандидати за вработување и основачите на агенции.

Цел на Предлогот на Закон е да постои единствено регулирање на приватните агенции за вработување и надминување на постојните проблеми при имплементација на законите, кои како предмет на уредување ги имаат приватните агенциите за вработување, како и заштита на работниците вработени преку овој вид на агенции од можни злоупотреби.

Предлогот на Закон за приватните агенции за вработување беше ставен на разгледување на седница на Економско-социјалниот совет на која присуствуваа и преставници од агенциите. Советот, како национално трипартитно тело даде позитивно мислење за предлог Законот, и истиот е доставен до Владата на Република Македонија.