18/04/2024
Охрид

Изјава на градоначалникот Георгиески за ребалансот на буџетот на Општина Охрид

Градоначалникот Константин Георгиески во изјава за медиумите образложи детали во врска со ребалансот на општинскиот буџет, кој денеска беше усвоен од страна на советниците на 51-та седница на Советот на Општина Охрид.

-Буџетот кој беше изгласан на 26.12.2019 година, уште од самиот почеток на оваа календарска година беше изложен на предизвикот со кој се соочи нашата држава и целиот свет, а тоа е пандемијата од корона вирусот КОВИД 19.

И покрај тоа што бевме изложени на еден ваков предизвик кој донесе низа социо-економски турбуленции, кои траат повеќе од осум месеци, среќен сум што Охрид успеа да заокружи една исклучително успешна година, со значајни капитални инвестиции во инфраструктурата и во образованието, но и да овозможи навремено сервисирање на процесот на раздолжување.

Согласно мојот принцип на транспарентност во работењето, сакам да ја информирам јавноста дека со ребалансот на буџетот се кратат дел од средствата кои се планирани и се во тек на реализација, а за наплата ќе пристигнат во новата 2021 година. Со оглед на тоа, нивото на вкупниот буџет е намалено за 9% и изнасува 1.113.433.751 денар, додека основниот буџет изнесува 548.300.000 денари.

Остварувањето на носечката програма во Буџетот за 2020 година-Уредување на градежно земјиште заклучно со 31.10.2020 година изнесува 70%. Ваквото високо ниво на реализација на оваа програма се должи на успешното завршување на реконструкцијата на улиците „Охридска Бригада“, „Прва Македонска Ударна Бригада“, улицата во населбата „Христо Узунов“ и улицата која минува низ поранешната касарна.

Исто така беше реализирана изградбата на тротоари и велосипедски патеки на улица „15 ти Корпус“, беше извршено асфалтирање на тесни улици во повеќе села и населби, а во тек е релизацијата на големиот инфраструктурен проект за реконструкција на улица „Абас Емин“. За реализација на овие инвестициски проекти и голем број други проекти во делот на инфраструктурата, од општинскиот буџет беа издвоени околу 92 милиони денари.

Со донесениот ребаланс на Буџетот се овозможува реализација на проектите за кои се завршени тендерските постапки, склучени се договори и се очекува во текот на последните два месеца од годинава да започнат со реализација. Дел од овие инфрструктурни проекти ќе се исплаќаат и во текот на 2021 година.

Тука би сакал да ги издвојам проектите за реконструкцијата на улицата „Марко Цепенков“; изградба на коритото на река „Грашница“ во делот од булевар „Туристичка“ до улица „Железничка“; Изградба на резервоар за водоснабдување на селото Горно Коњско; изградба на потпорен ѕид во стариот дел на градот, поставување на подземни контејнери на повеќе локации во општината; набавка и поставување на типизираните тезги за продажба на сувенири и други предвидени програмски активности. Во делот на образованието продолжуваме со инвестициски активности во речиси сите основни и средни училишта.

Оваа прилика сакам да ја искористам да упатам одговор и појаснување на неколку дезинформации, кои деновиве беа изнесени од страна на опозицијата:

Како прво, привремените вработувања за 2020 година со предложениот ребаланс на буџет ги намалуваме од првичните 8,5 милиони денари на 5 милиони денари. Односно, општина Охрид во 2020 година за привремени вработувања ќе потроши нешто помалку од оваа сума. Врз основа на овој факт, смешна е изјавата на опозицијата дека се предвидуваат нови средства на оваа ставка.

Не обвинуваат за враќање на стари долгови, а не го вреднуваат она што е најголем успех на оваа локална власт, а тоа е раздолжувањето на општината. Доколку не знаат еве да ги потсетам, долгот од 1.600.000.000 денари кој го наследивме во 2017 година, го сведовме на ниво 470 милиони денари по сите основи.

Ова е податок што пред неколку дена го соопшти и Министерството за финансии, па така по скоро две децении, општина Охрид повеќе не е на првото место на листата на најголеми должници како локална самоуправа.

Опозицијата треба да знае дека тие 40.000.000 кои ги споменуваат се по спогодби кои се потпишани и со нивно непочитување, се крши законот и се создава ризик за нови судски процеси и нови долгови за општината. Општина Охрид константно го намалуваа својот долг и не генерира нови долгови, тоа е за секое поздравување, а не за неосновани и празни критики. Се работи за инвестиција во иднината. Се работи за еден процес кој од самиот старт е јасен и транспарентен. Уште еднаш потенцирам дека за нецели две години долгот на општината е намален за фантастични 1,2 милијарди денари.

На оваа тема, јавно би го запрашал господинот Сашо Донев, кој во име на опозицијата често изнесува невистини – Дали е грев што општина Охрид го исплати наследениот долг кон ЈП „Нискоградба“ во износ од 13.600.000 денари, од времето кога тој беше на челната позиција во тоа јавно претпријатие?

Во делот на непродуктивните расходи, сакам да истакнам дека Општина Охрид оваа 2020 година ќе ја заокружи со нула трошоци за ресторански услуги и репрезентација и со реализација само на една исплата на име на трошоци за обележувањето на 8-ми декември 2019 година. Исто така, во програмата Градоначалник патните и дневните расходи со овој ребаланс се скратени за 355.000 денари.

Воедно сакам да информирам дека сите средства што ми се исплатени на име патни и дневни расходи во 2020 година на крајот на годината ќе ги уплатам на сметката на Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост „Зраци“.

За обвинувањата на опозицијата кои беа изнесени за намалувањето на средствата за изработката на просторни и Урбанистички планови, сакам да нагласам дека јавноста беше навремено информирана и дека оваа година се склучија четири договори со економски оператори за изработка на урбанистички планови во вредност од 9.858.421 денари. Се работи за подготовка на урбанистички планови за речиси сите села на подрачјето на општината.

Би сакал да појаснам дека во програмата Изградба на системи за водоснабдување со донесениот ребаланс намалени се средствата за реконструкција на пумпната станица во Метропол во износ од 17.000.000 денари. Оваа програмска активност е во тек и за истата финансиските импликации ќе бидат во буџетот за 2021 година.

Јас како градоначалник и оваа локална самоуправа, продолжуваме да работиме посветено и одговорно во остварување на сите планови и програми кои се во насока на исполнување на ветувањата кои се дадени пред граѓаните. Убеден сум дека и во иднина ќе оствариме значајни резултати во сите сегменти, кои ќе овозможат подобар развој и подобра иднина за нашата општина, изјави Георгиески за медиумите.