29/03/2024
Македонија

Изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ поставена во Ресен

Синоќа во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, беше отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“. Оваа изложба, која веќе била поставена во повеќе градови во земјава, низ 30-тина големи изложбени панели донесува приказ на животот на едно од најпознатите ликови од Втората светска војна, Ана Франк.

„За нас, како културна институција од особена важност е што можеме преку изложените паноа да понудиме една историја, која мора да биде осознаена од секоја следна генерација на млади луѓе, со единствена цел, никогаш повеќе да не се случуваат немили настани како оние од периодот на Втората светска војна, особено не на младата популација. Токму затоа, со понудата Домот на култура Драги Тозија да биде партнер во една ваква изложба, ја искажуваме нашата потреба постојано да пласираме нешто ново, од сите области на уметноста. Нашата улога како културна установа е да ги едуцираме жителите на преспанскиот регион, да ја надоградуваме нивната желба за уметност, нудејќи различни содржини од сите сфери во културата“, рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Изложбата ја организира Младинскиот образовен форум заедно со Општина Ресен.

„Се надевам дека и оваа изложба ќе биде посетена во голем број од нашите сограѓани, кои ќе бидат дел од над 5-те милиони луѓе ширум светот кои ги виделе нештата прикажани преку овие панели – детството на Ана Франк,нацизмот, прогонот на Евреите, па дури и одредени реакции на луѓето“, истакна градоначалникот Живко Гошаревски.

Изложбата за посетителите ќе биде отворена до 21 мај 2018 година, а влезот е слободен.