29/03/2024
Македонија

Измени во Колективниот договор на вработените во МО и АРМ

Министерката Радмила Шекеринска ги информираше вработените во Министерството и Армијата, како и целата македонска јавност дека јубилејната награда која досега не се исплаќаше, што предизвика големо незадоволство кај вработените, ќе биде исплатена во целост, за сите вработени во МО и АРМ кои работат 15 и повеќе години во овие институции.

Министерката истакна дека од 2013 година кога беше потпишан Колективниот договор, досега одредбата за исплаќање на јубилејната награда не била почитувана и дека ниту еден припадник на АРМ и вработен во МО не го добил ова право кое му било загарантирано.

„Сите овие изминати години, 700 вработени што ги исполнуваат условите за добивање на јубилејна награда го тужеа Министерството за одбрана. Од овие 700 тужби, 250 веќе беа завршени и судовите пресудиле во корист на тужителите. Во тие пресуди МО веќе долго време исплаќа не само јубилејна награда, туку и судски трошоци“, рече министерката и дополни дека по основ на овие тужби Министерството исплатило над 13 милиони денари, од кои над 7,5 милиони се само судски трошоци.

Според Колективниот договор од 2013 година, на јубилејната награда имаа право само оние кои 15 години работат во МО и Армијата, но не и оние кои работат подолго. Со денеска потпишаната измена на Колективниот договор се исправа оваа неправда.

„Донесовме одлука која е издржана и правно и етички, да се измени овој член од Колективниот договор и да се каже дека правото на јубилејна награда го имаат и оние кои имаат 15 години стаж, но и оние кои имаат повеќе од 15 години стаж. Затоа денеска заедно со репрезентативниот синдикат со кој е потпишан Колективниот договор во 2013 година се усогласивме и потпишавме измена на Колективниот договор со која што ќе се овозможи јубилејна награда да им се исплати на сите вработени во МО и АРМ кои имаат 15 и повеќе години непрекинат работен стаж“, рече Шекеринска.

Министерката се заблагодари на Синдикатот на безбедноста и одбраната за покажаната брзина и ефикасност, а се заблагодари и на другите синдикати во одбраната што беа присутни на средбата.

Претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста, Ристо Ајтов и потписник на Колективниот договор од 2013 година изрази задоволство што со Министерството и министерката Шекеринска е затворен уште еден сегмент од обврската од Колективниот договор и истакна дека Синдикатот и во иднина ќе се бори за унапредување на правата на вработените што ќе доведе до задоволни работници со поголема продуктивност.