19/04/2024
Македонија

Јагода Шахпаска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика

Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика. Новоименуваната министерка Јагода Шахпаска ја презеде функцијата од заменик министерот Ѓонул Бајрактар, кој ја вршеше оваа должност, поради испразнетото министерско место. 

Со тоа министерката за труд и социјална политика Шахпаска и официјално го започнува управувањето со овој сектор.

Како членка на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Северна Македонија во претходниот пратенички мандат и како поранешна пратеничка која активно била вклучена во социјалната реформа, но и во повеќето процеси во надлежност на овој ресор, министерката Шахпаска истакна дека е свесна за предизвиците што го очекуваат ова Министерство, кое е темелот за создавања функционална и одржлива социјална држава. 

„Чест и задоволство, но и огромен предизвик ми претставува да го предводам секторот за кој гласно се борев и се залагав и од собраниската говорница, но и во Комисијата за труд и социјална политика. Реализацијата на социјалните политики кои се насочени кон вистинска грижа за сите граѓани, а особено кон најранливата категорија на граѓани е од огромно општествено значење за нашата држава. Инвестирањето во луѓето, во подобриот стандард, во повисоки плати и пензии, во социјална заштита која овозможува излез од кругот на сиромаштијата се приоритетите за мене и за Министерството во наредниот период“, истакна Шахпаска.

Таа нагласи дека во мандатот кој ѝ е доверен ќе се залага за реализација на политики засновани врз принципите на градење на праведна и социјална држава, која покажува вистинска грижа за своите граѓани. За подобар животен стандард, вреднување на трудот на работникот, заштита на неговите права, борба против сиромаштијата и невработеноста и уште многу други предизвици кои се во надлежност на ова министерство.

Веднаш по примопредавањето на функцијата, министерката Шахпаска имаше состанок со раководниот тим на Министерството за труд и социјална политика, составен од државните советници и раководители на сектори. 

На состанокот таа се информираше за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат. 

Министерката Шахпаска потенцира дека од вработените во Министерството за труд и социјална политика очекува тимска работа и целосна посветеност во реализацијата на сите проекти предвидени во Програмата на Владата за наредниот четиригодишен мандат. 

„Наша задача и обврска е да им служиме на граѓаните и да работиме за нивно добро“, рече министерката Шахпаска. 

Таа нагласи дека во претходниот мандат Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика покажаа дека може да се промени начинот на кој државата се грижи за своите граѓани и дека тој концепт во наредниот период ќе продолжи со уште позасилена динамика.