19/04/2024
Струга

Јанковска-Стојаноска: Без трошка свест се пали трската на крајбрежниот појас Струга-Калишта

Денес во Струга, ОК на ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која говореше портпаролот Мартина Јанковска-Стојаноска.

„Македонската јавност сведочи за еколошката катастрофа на струшкото крајбрежје. Без трошка свест се пали трската на крајбрежниот појас Струга-Калишта, и тоа во неколку наврати, а нема никаква реакција од власта. Се уништуваат ендемични животински и растителни видови кои отсекогаш опстојувале на тоа место.

Неодговорното однесување и негрижата за животната средина предизвикуваат згрозување особено кај струшката јавност и кај сите еколошко свесни граѓани.

Почитувани, евидентно е дека на местото на запалената трска се обавуваат градежни работи, за да се урбанизира и да се отстапи на приватни лица, блиски до актуелната локална власт и СДСМ.

За жал, до сега нема никаква реакција од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое што веќе подолго време ги толерира хаосот и безредието на локалната власт и СДСМ.

Почитувани, колкав е профитот на СДСМ што вреди повеќе од ваков еколошки геноцид? До кога власта на СДСМ ќе дозволува уништување на сметка на партиски џебови? Ќе проработи ли МЖСПП и нивните локални инспектори или Струга ќе продолжи да тоне во слепилото на партиските интереси на власта?

Премижувањето пред уништувањето на трската во Струга е само дел од севкупната негрижа на власта за било чиј живот во државата.

Народот гледа, стружани веќе се сигурни, ова самоволие жестоко ќе биде казнето.“ – истакна Јанковска-Стојаноска.