20/04/2024
Охрид

Јавен повик за финансирање на програми и проекти од јавен интерес на Општина Охрид за 2018 година

Врз основа на член 50 став 1 точка 16 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на Р.М.“ бр. 5/02) и член 34 од Статутот на Општина Охрид (Сл. гласник на Општина Охрид бр. 8/07 и 1/08), Градоначалникот на Општина Охрид објавува:

ЈАВЕН ПОВИК

ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОГРАМИ И ПРОЕКТИ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС НА ОПШТИНА ОХРИД ЗА 2018 ГОДИНА

ПРИЈАВА (word doc.)
СОГЛАСНОСТ (word doc.)
Упатство за пополнување Пријава (word doc.)

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Општина Охрид заради остварување на јавните потреби и јавниот интерес, на Јавниот повик за финансирање на програми и проекти од јавен интерес на Општина Охрид за 2018 година, ќе поддржи програми и проекти на здруженија на граѓани, поединци и институции кои обезбедуваат стимулирање и презентација на вредности и достигнувања од јавен интерес во различни области: култура, спорт, образование, социјала, екологија, здравство и млади; традиционални манифестации од локален, регионален, национален и меѓународен карактер, различни видови активности на лица со посебни потреби и подобрување на инфраструктурната состојба на подрачјето на Општина Охрид.

II. ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ

На Јавниот повик право на учество имаат правни и физички лица.
– Под правни лица се подразбираат установи од областа на култура, спорт, образование, социјала, екологија, здравство и млади, здруженија на граѓани, асоцијации и слично, регистрирани во Република Македонија,
– Правните и физичките лица кои имале поддржани проекти од Општина Охрид во претходниот период, треба да ги имаат исполнето сите обврски во согласност со склучените договори со општина Охрид.

III. НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ

Аплицирањето се врши на стандардизирани обрасци кои се задолжителни за секој апликант и се составен дел на документацијата од самиот јавен повик.

Пријавувањето на Јавниот повик се врши со доставување на пополнета пријава. Пријава се презема од веб страната на Општина Охрид (www.ohrid.gov.mk) и се пополнува со впишување на податоци на означеното место со потпис и печат на овластеното лице. За секој проект/програма се пополнува одделна пријава.

Програмите и проектите за кои ќе бидат доделени финансиски средства, треба да се реализираат на територијата на Општина Охрид, во текот на 2018 година.
Апликантите покрај пријавата, задолжително треба да ги достават и следните документи:

– Фотокопија од документ за регистрирана дејност издаден од Централен регистар на Република Македонија
– Копија од потврда за отворена и активна жиро сметка (за правни лица) или копија од трансакциска сметка (за физички лица)
– Физичките лица/автори кои поднесуваат пријава на Јавниот повик треба да достават и копија од уверение за државјанство на Република Македонија.
– Писмена согласност од Советот на месната/урбаната заедница (за проекти кои се однесуваат на подобрување на инфраструктурната состојба на подрачјето на Општина Охрид) – Согласноста е дадена во прилог на Јавниот повик.

Со пријавата може да се достават и други документи/материјали за дообјаснување на проектот, за кои учесникот на Јавниот повик цени дека е потребно да ги достави.
Нема да бидат разгледувани пријави: доставени по истекот на рокот на Јавниот повик, пријави доставени по електронска пошта, пополнети на несоодветен образец, нецелосно пополнети и нецелосни пријави без приложени документи кои задолжително се бараат. Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат.
Пријавите со документите се доставуваат по пошта во затворен коверт на адреса: Општина Охрид ул. „Димитар Влахов“ бр. 57, 6000 Охрид со назнака за „Јавен повик за финансирање на програми и проекти од јавен интерес на општина Охрид за 2018 година“ или лично во архивата на Општина Охрид.

Јавниот повик трае 30 дена од денот на објавувањето.

IV. КРИТЕРИУМИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ

За да се утврди дека програмите и проектите се од интерес на Општина Охрид, тие треба да исполнуваат најмалку еден од следниве општи критериуми:

– да допринесат за побогат, поквалитетен и разновиден јавен живот на ниво на општината;

– иновативност, впечатливост и оригиналност на идејата;

– чување и афирмирање на материјалното, духовното и културното наследство;

– поттикнување и афирмирање на културните разноликости на припадниците на етничките зедници;

– континуитет на традиционални манифестации што се од интерес за општината;

– презентирање и афирмирање на современото творештво, урбаната култура и јавната уметност;

– подобрување на образованието;

– афирмирање и поддршка на млади уметници и автори;

– развивање и поддршка на младите, младинската партиципација и учество и младинската култура во чии рамки ќе се поддржуваат креативни и едукативни проекти;
– воспоставување на соработка и партнерства во рамките на предложениот проект со една или повеќе јавни установи од општината, национални установи, граѓански организации, образовни институции и други организации;
– одбележување јубилејни настани и значајни датуми;
– организирање на меѓународни манифестации што се одржуваат во Општина Охрид;
– стимулирање и поддршка на разни партнерски меѓународни проекти;
– поттикнување на научната и критичката мисла преку организирање на семинари, конференции и дебати;
– потикнување на креативноста и подобрување на развојот на децата и младите и лицата со посебни потреби;
– унапредување на животот на лицата со посебни потреби;
– развој на спортските активности кај лицата со посебни потреби;
– стимулирање и потикнување на здравјето на граѓаните;
– квалитетен, богат и разновиден спортски живот на ниво на Општина Охрид;
– развој и унапредување на сите форми на училишен спорт;
– афирмација на масовниот и другите спортови и рекреацијата кај сите возрасни групи и категории на население од општината;
– заштита и унапредување на животната средина
– подобрување на инфраструктурната состојба на подрачјето на Општина Охрид.

Оценувањето на поднесените проекти/програми ќе се врши согласно Правилникот за начинот, постапката и критериумите за финансирање на програми и проекти од јавен интерес на Општина Охрид за 2018 година.

V. ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ЈАВНИОТ ПОВИК

Учесниците на Јавниот повик за резултатите ќе бидат известени со Решение донесено од Градоначалникот на Општина Охрид.

Резултатите од Јавниот повик ќе бидат објавени на веб страната на Општина Охрид (www.ohrid.gov.mk).
Бројот на поддржани проекти/програми на Јавниот повик и висината на средствата со кои ќе се поддржат проектите ќе се утврдат во согласност со Буџетот на Општина Охрид за 2018 година.

VI. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

Дополнителни информации во врска со Јавниот повик може да се добијат на тел. 046 262 492/262 493 (во Одделение за образование).