Јавна дебата за Предлог Националната програма за земјоделство и рурален развој 2018-2022

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска се одржа третата јавна дебата за Предлог 5 годишната Национална програма за субвенционирање.На работниот состанок учествуваа претставници од земјоделските здруженија, стопанските комори и фирми, кои имаа можност да го искажат своето мислење и да дадат предлози за подобрување на предвидените проекции на државната поддршка во следните пет години.

Националната Програма е за периодот 2018- 2022 година, и истата е основа за наредните Годишни Програми и може да се ревидира на три години. Програмата е донесена врз основа на Законот за земјоделство и рурален развој, а целта на истата е развој на македонското земјоделство преку имплементирање на нови технологии, инвестиции, зголемена конкурентност.

Присутните за голем дел од предложените мерки дадоа позитивни мислења, конкретно за планот за изградба на објекти, мерката интервентниот откуп, мерката за интервентниот фонд од 6 милиони евра (со можност за дополнитено зголемување), за заштита од надворешни влијанија,за мерката за евтина зелена нафта, за стимулациите за земјоделските задруги, за намалувањето на ДДВ за лековите за сточниот фонд, како и за родовата застапеност.

Од друга страна, беа дадени предлози за намалување на ДДВ за ветеринарните услуги; административните процедури да се регулираат со посебни правилници; донесување на календар за субвенционирање (кои субвенции, кога ќе се исплаќаат); агроеколошките мерки да бидат видливи и издвоени како посебни мерки; подобрување на комуникацијата со Платежната Агенција, каде што треба да има второстепена комисија која ќе ги разгледува жалбите, а не земјоделците да одат по судови за одредени пропусти.

Измени на предложените мерки најави и директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта Лулзим Фејзулаи, кој посочи дека се потребни се мали интервенции за бенефит на сточарите, не директно со пари, туку индиректно преку услови, односно подобрување на инфраструктурата.

МЗШВ како ресорно министерство останува отворено за дијалог со сите чинители во земјоделскиот сектор. За таа цел, изминатиот период беа активирани и потсекторските групи, а во наредниот период ќе се организираат посебни состаноци со целни групи (индивидуални земјоделци, мали, големи земјоделски стопанства), бидејќи интересите и проблемите се различни.

Дополнително, присутните беа информирани дека наскоро ќе биде изготвена и новата Национална стратегија за земјоделство и рурален развој.