23/04/2024
Македонија

Јавна расправа за Законот за високото образование

Комисијата за образование, наука и спорт, денеска во Собранието на Република Македонија организираше јавна расправа за новиот Закон за високото образование, на која министерката Дескоска ја образложи потребата за донесувањето на целосно нов Закон за високото образование, но и ги истакна клучните подобрувања предвидени во новото законско решение.

Интегралниот текст на обраќањето на министерката Дескоска го пренесуваме во целост:

„Овој Закон се работеше повеќе од 9 месеци. Работната група ја започна својата работа на средината на јуни минатата година и до денеска со јавноста беа споделени 3 верзии на Законот коишто беа менувани и подобрувани согласно сугестиите коишто ги добивавме од научната, стручната и пошироката јавност.

Она што беше клучната причина зошто пристапивме кон целосна измена на законот со донесување на целосно нов законски текст, е затоа што постојниот Закон за високото образование се покажа дека е нефункционален, неразбирлив и нејасен, што влијаеше постојниот Закон да стане тешко применлив во практиката.

Дел од одредбите на Законот беа контрадикторни сами меѓу себе, така што и на најдобрите правници им го оневозможуваше вистинското толкување. Тоа создаваше конфузија и правна несигурност што беше една од главните мотиви кон изработка за целосно нов текст.

Вие сите знаете дека една од најкритикуваните политики во изминатиот период, беше газењето на автономијата на универзитетот, она што значеше упад во автономијата на универзитетот, преголемата концентрација на моќ во рамките на универзитетот што овозможуваше спроведување на партиски директиви и решенија.

На универзитетот сум повеќе од 20 години и сум ги поминала сите скали, од демонстратор, до редовен професор. Сум почуствувала што значат демократски односи на универзитетот, што значи можност за развој на слободна мисла, но исто така сум била сведок на не толку слободни и демократски односи. Сум била сведок на груба партизација и упад на власта во универзитетот, сум видела декани и ректори кои што тоа го дозволувале, но и на декани кои што се спротивставиле на таквиот упад.

Сум била сведок на неформално, но изворно студентско организирање, но исто така сум била сведок и на киднапирани студентски организации и учество на полиција и партиски насилници на студентски избори.

Сум видела факултети коишто подолго време не можеле да изберат декан, односно да го именуваат деканот којшто бил легално избран од наставнички совет, поради тоа што тој не му се допаѓал некому и не бил претставник на власта.

Сум видела и студентски избори на коишто потоа биле пуштани кривични пријави заради фалсификувани потписи. Сум видела универзитети коишто високото образование не го сфаќаат како јавна дејност со општествено значење, туку како профитна дејност, универзитети коишто се претвориле во фабрики за дипломи.

Сум видела многу аномалии, коишто верувам дека и вие сте ги виделе, и очекувам денеска самокритично сите да зборуваме за проблемите на универзитетите, за она што е вистински проблем и дали законот нуди решение за овие проблеми.

Овој закон практично беше мотивот да се стави крај на сите аномалии и да постави основа да се спречат овие проблеми во иднината. Овој закон треба да значи и крај на корпоративниот пристап во образованието.

Со оглед на тоа што ние во минатиот период навистина поминавме еден долг процес на дебата, можам со задоволство да констатирам дека универзитите активно се вклучија во дебатирање на овој законски текст, дека универзитетите даваа навистина добри забелешки и предлози коишто се инкорпорирани во овој текст.

Секако не може законот да ги вклучи сите предлози и сите желби и интереси, особено ако имате во предвид дека ова е закон кој што отвара и тангира многу интереси коишто постојат во Република Македонија, но првенствен интерес при пишувањето на овој закон беше враќање на автономијата на универзитот, враќање на квалитетот во образованието, и гарантирање на правата на студентите на изворно студентско организирање.

Во делот на автономијата на универзитетот, она што се клучните темели на коишто се заснова овој закон е академската слобода, правна сигурност којашто ќе ја имаат вработените на факултетот, како и деконцентрирање на моќта на универзитетот. Бидејќи секоја концентрација на моќ во еден човек, ректор или декан, носи опасност од гушење на она што значи слобода на мисла на универзитетот.

Во делот на автономијата во управувањето, треба да се овозможи универзитетите сами да управуваат во рамките на своите надлежности, но и академската заедница да го добие главниот збор во управувањето на прашањата од високото образование.

Како го постигнуваме овој втор аспект?

Националниот совет за високо образование, истражување и наука, е орган којшто е практично во рацете на академската заедница. Спород составот, таму се професори коишто треба да исполнуваат поголеми критериуми, и најголемите надлежности кои во овој момент ги има МОН, и Владата на РМ, со новиот закон се предлага да се префрлат во овој орган. Целта е да ја пренесеме надлежноста да дадеме можност, они кои работат на универзитетите да го кажат последниот збор во решавањето на определени прашања.

Во делот на финансиската и кадровската автонимија, дадени се поголеми права во однос на тоа што универзитетите имаа досега и целта и идејата е практично да се овозможи и еден кадровски развој без барање на согласност од секаков тип на ангажирање на универзитетите. Ќе видите дека една од новините што сега универзитетите односно факултетите имаат право да ангажираат демонстратори без да бараат согласност од МФ, што на некој начин ќе овозможи поголема можност за отворање на вратите за младите луѓе кои се квалитетни и коишто сакаат да почнат да градат академска кариера.

Во делот на студентското организирање, со оглед на тоа што тоа беше еден од главните мотиви, го поместивме погоре во законот сакајќи симболично да покажеме дека законот е во интерес на студентите. Целта на овој закон е фокусот да се стави на студентското организирање на факултетите, бидејќи таму на факултетите ги остваруваат своите права и она што најмногу ги засега во однос на образованието. Тоа значи дека Факултетското студентско собрание се избираат на непосредни избори од страна на студентите кои ќе имаат свои претставници во наставничките совети на факултетите. Ставена е одредба дека изборите за студентските организации, коишто денеска со новиот ЗВО се тело во рамки на универзитетот, а не во невладина организација што беше апсурдна ситуација досега, организација формирана од некој кој не е денеска студент да ги вклучува студентите и да ги принудува да бидат членови, а потоа и да спроведува избори, ги распишуваат деканите. Целта е деканите да ги распишуваат изборите бидејќи праксата покажа дека на многу факултети, студентските организации не сакаат да спроведат избори со цел да оневозможат избор за декан.

Видовме случаи на политичко мешање, и затоа целта сега е институционално да постои обрвска за која некој ќе одговара, а тоа е деканот доколку не спроведе, односно не распише избори на време. Истото тоа се пренесува на ниво на универзитетот. Тоа е одговор на ваквите проблеми за избегнување на оние игри без граници коишто ги имавме во изминатиот период со класична политичка заднина, со лажирани записници, со одбивање да се свикаат одредени избори во одреден временски период.

Понатаму, она што е значајно во делот на студентските права, е тоа дека законот гарантира ослободување од партиципација на лица што се деца без родители до 26 години, лице со инвалидност, а другите лица ќе бидат утврдувани од страна на Националниот совет кој потоа ќе предложи категории за донесување на уредба од страна на владата.

Сегашната состојба покажа дека во претстојниот закон има многу декларативни но нефункционални одредби, кои во пракса не се спроведуваа и тоа го тврдам одговорно како човек кој има пракса на универзитетот но исто така видовме и ситуации на коишто постои нејасна декларативна одредба, која потоа со правилници била уредувана во рамките на МОН на начин на којшто не дозволувал вистинско дефинирање на таа декларативна одредба.

Во делот на обезбедувањето на квалитетот на високообразовните институции, воведуваме Агенција за квалитет, но и поделба на Одбор за акредитација и Одбор за евалуација. Која беше целта на поделбата? Оној кој акредитира не можете да очекувате дека ќе истиот ќе евалуира. Оној кој дал согласност за одредена наставна програма не можете да очекувате дека ќе биде вистински самокритичен да каже дека згрешил при таа акредитација.

Втора промена е во бројот на членови, а причината е поради тоа што во одборот кога акредитирате или евалуирате определена програма треба да водите сметка за областа во која што се акредитира или евалуира определена програма. Во составите на одборот во изминатиот период и денеска, сите научни области според фраскатиевата класификација не се застапени. Постојат ситуации, од одредени области да нема претставник и потоа доаѓате во ситуација правник да оценува дали одредена програма по медицина е соодветна или не. Тоа е импровицазија, и целта е во овие два одбори да имате рамномерна застапеност од сите области според фраскатиевата класификација.

Ќе се зајакнат надлежностите на одборот за евалуација со цел да дојде до тоа испитување на оние акредитации коишто биле давани во изминатиот период.
Во делот на внатрешната организција, темата којашто најмногу беше дебатирана во рамките на работните групи, дојде до дебата околу тоа дали деконцентрацијата на моќта, која се предлага во овој закон, а тоа значи поделба на моќта на ректорот со моќта на Сенатот, надлежностите почнуваат да се делат за да се воспостави нивна рамнотежа, истото се случува со наставно-научниот совет, дали тоа ќе води до дезинтеграција на универзитетот или не?
Деконцентрација на моќта, не значи дезинтеграција на универзитетот. Тоа е само алиби на оние коишто се обидуваат да прикажат недостаток на ова решение, но мотивите коишто се зад таквите тврдења се сосема други, и се сосема лични.

Што се однесува до високообразовната дејност, во овој закон се регулирани основниоте начела за трите циклуси на студирање, со тоа што во еден дел од законот се усогласува со директиви на Евроспката унија кој се однесуваат на регулираните професии, и од тие причини е ставено европското знаме на законот. Целта е да овозможиме проодност на нашите кадри на европскиот пазар на трудот, но исто така и во европскиот натпревар на знаење помеѓу другите нации. Од тие причини правилата кои важат за одредени регулирани професии како што се лекари, фармацевти, ветеринари, стоматолози, ветеринари и архитекти да бидат регулирани според правила кои се соодветни на правилата во европската унија.

Понатаму, има делови коишто значеа одредени приспособување и подобрувања во делот на нострификацијата и еквиваленцијата на признавање на високообразовни квалификации. Целта беше да направиме корекција на она што го согледавме како пропуст на досегашните постапки, бидејќи имаше и ситуации кога се бараа документи коишто никој не може да ги обезбеди, особено од меѓународни универзитети.

Содржани се критериуми за избор на наставно-научни звања. Она што предизвика одредена дебата беше барањето да се симнат критериумите. Добар дел од коментарите се однесуваа на просек осум. Јас знам дека во минатото во одреден период власта со цел да овозможи сопствени лица да влезат на универзитетите го спушти критериумот од осум на пониско, но мојот став и ставот којшто го изградивме заедно е дека критериум за човек кој треба да работи на факултет мора да биде она што е првото скалило на одличен успех, бидејќи ако самиот не можел да научи за нешто повеќе од шестка, навистина е чудно како тој ќе може да оценува.

Она што сакам да го истакна на крајот што мене лично ми прави задоволство во целиот процес, е тоа што универзитетите активно се вклучија во коментирањето, во давањето сугестии, во дебатата за законот. За некои ми е драго што тоа го правеа автономно, овде можам одговорно да кажам дека не добив покана за дебата од ниеден универзитет, бидејќи тоа им овозможи да учествуваат да водат сами дебата без моето влијание таму, а добивме изворни согледувања.
Можам да кажам дека добив и директни сугестии и укажувања од наставнички совети и од декани коишто беа испратени, дури и неофицијално испратени од ректоратите, но исто така и голем број на поединци коментираа.

Вклучени беа и синдикатите, а драго ми е што голем дел од коментарите што ги добивме од синдикалните организации се вградени и најдовме еден заеднички јазик, особено што најголем дел од синдикалните претставници беа и самите професори од универзитетите и можеа изворно да ги согледаат проблемите.

Едно клучно прашање коешто е регулирано на начелно ниво, но ќе треба понатаму да се регулира во рамки на таа автономија на универзитетот, е делот за деталите на финансирањето. Основите на автономијата во финансирањето се поставени, но деталите на тоа што ќе значи конкретно финансирање на определени студиски програми, факултети, звања. Тоа ќе биде прашање на Националниот совет каде што 2/3 од составот се професори на факултетите, претставници на студентите, ќе има претставник од МАНУ и од бизнис заедницата, коишто ќе треба да ги изградат критериумите за финансирање на високото образование.

Јас се надевам дека после оваа дебата денеска, во која што ќе зборуваме за проблемите кои што не измачуваа минатиот период, и за тоа дали имаме решенија за овие проблеми, ќе дојдеме до еден законски текст којшто во Собранието ќе биде донесен со консензус, бидејќи овој закон не е правен само за универзитетите, туку е правен и од универзитетите. “