28/03/2024
Охрид

Јавните личности од Охрид и нивните желби во Новата 2018 година

Последните мигови од старата година ги користиме за да се потсетиме на годината што изминува, но и да си посакаме уште поубави желби во Новата година која ни претстои.

Какви се предновогодишните размислувања и кои се желбите на познатите јавни личности од Охрид, дознаваме од одговорите на следните прашања кои им ги поставивме:

  • По што ќе ја паметите годината која изминува?
  • Кои се вашите желби во Новата 2018 година?
  • Каде ќе ја дочекате Новата 2018 година?

Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид

Годината што изминува најмногу ќе ја паметам по Локалните избори на кои охриѓани ми ја дадоа својата целосна доверба и ме избраа за Градоначалник на Охрид. Тоа е година која донесе голема пресвртница за мене како личност. Во текот на предизборна кампања се соочив со секојдневна динамика, креирање проекти, изготвување на планови и голема теренска работа, но со уште поголеми ангажмани и активности ми поминуваат деновите откако дојдов на градоначалничката функција. Но свесен сум дека довербата на граѓаните треба да се оправда и дека мора да се работи за исполнување на нивните барања. Заедно со мојот тим подготвен сум да се соочам со сите обврски и предизвици. Се трудиме да работиме посветено и одговорно, а мојата цел е Охрид да прерасне во град со уште поголеми квалитети од оние кои што веќе ги поседува и да стане место во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.

Мојата желба е Новата 2018 година на сите полиња да донесе многу повеќе позитивна енергија, нови можности за радост и успеси. На граѓаните им посакувам најпрво да имаат добро здравје, многу љубов и благосостојба. Посакувам заедно да работиме за подобрување на условите за живот и наредната година да за забележиме како една од поуспешните и развојни години за нашиот Охрид.

За дочекот на Новата 2018 година ќе бидам заедно со моите сограѓани и со гостите на Охридскиот плоштад, каде имаме организирано соодветна забава. Празниците за мене претставуваат можност за дружење и прослава во кругот на семејството, со роднините и пријателите. Посакувам да имаме пријатни празнични мигови исполнети со радост кои долго време ќе останат во нашите сеќавања.

Живка Ангелоска – претседател на Советот на Општина Охрид

Изминува уште една година. Среќна сум, бидејќи сум имала сила да се справам со сите искушенија и предизвици кои го попречуваа мојот пат. Во општествено-политичкиот живот 2017 година ќе ја паметам како година на силни премрежја, разочарувања, но и надеж. Година во која единството и сплотеноста, разумот и мудроста застанаа пред гневот и хаосот.

Како Претседател на Советот на општина Охрид искрено посакувам во 2018 година да ги насочиме нашите делувања кон градење на што поотворена и поуслужна општина за сите граѓани. Да ја интензивираме двонасочната комуникација со граѓаните базирана на разбирање и соработка. Квалитетните идеи и иницијативи нека ги сплотат нашите ставови. Живееме во иста општина, имаме исти или слични проблеми, заедно, сплотено и одговорно да го направиме попристоен и подостоинствен нашиот живот.

Новиот ден раѓа нова надеж. Новата година ќе ни донесе нови изненадувања и разочарувања, нови подеми и падови, затоа посакувам да бидеме здрави за да можеме да делуваме, да шириме добрина за да можеме да ја почувствуваме, да не посегнуваме по туѓото достоинство за да не го изгубиме своето, да љубиме за да можат да не љубат, да се радуваме на малите работи кои го прават животот убав.

Новата година ќе ја дочекам во нашиот град со моето семејство, можеби во некој од нашите прекрасни ресторани со моите најблиски. Новогодишните празници се денови резервирани за семејството, топлината на домот и насмевките на моите најмили ја прават магијата на моите празници.

Жаклина Лазаревска, Пратеник во Собранието на Република Македонија

2017 беше многу тешка, непредвидлива, турболентна година исполнета со предизвици  кои лично мене и на моето семејство, но и на останатите граѓани во Македонија ни го одредуваа патот по кој ќе се движи целокупното наше општество, курсот по кој ќе се движиме сите ние и како ќе чекориме кон нашата иднина.

Во светот сè беше подредено во знак на решавање и справување со последиците од бегалската криза, заштитата од повторени терористичките напади во европските и светски центри, решавањето на проблемот со глобалните климатски проблеми, Доналд Трамп беше инаугуриран како 45-ти претседател на Соединетите Американски Држави и Мајк Пенс како 48-ми потпретседател, по шокот наречен Brexit Британија го активира Член 50, Северна Кореја успешно тестираше интерконтинентална балистичка ракета во Јапонското Море, Советот за безбедност на ОН гласаше за воведување на санкции за Северна Кореја заради нејзината континуирана нуклеарна програма, за прв пат по десет години од започнувањето на големата рецесија, глобалниот економски раст се забрзува.

Во Македонија се конституира новиот парламентарен состав на пратеници во кој влегов и јас како претставник од Охрид и нашиот регион.

Почетокот на 2017 по многу нешта и активности на тогашната власт наговестуваа дека работите се толку забегани што врхушката нема намера да дозволи мирен и демократски трансфер на власта.

Се случи 27 април, крвавиот четврток, ноќта кога беше целосно изгазена демократијата и уставниот поредок со отварање на вратите на законодавниот дом, Парламентот на Република Македонија и пуштање на разулавена маса на луѓе контролирана од лица кои имаа намера да извршат убиство и масакар врз нас пратениците од парламентарното мнозинство. Тие мигови никогаш нема да ги заборавам, а во иднина можеби ќе бидат поттик за пишување на мои мемоари.

Се изгласа новата реформска Влада, предводена од премиерот Зоран Заев.

Во многу комплицирани услови со намерна блокада на работата на Парламентот од страна на опозицијата се донесоа многу закони како Законот за минимална плата, Законот за решавање на проблемот на стечајците, ребалнсот на Буџетот 2017, се разреши Јаниот обвинител Зврлески, се пристапи кон измени и дополни на многу закони како услов за успешно спроведување на „Планот 3-6-9“со кој нашата Влада согласно Програмата за работа на Владата 2017-2020 ги зацрта чекорите кон градење на правна, демократска и економски стабилна држава која претендира на брз влез во НАТО алијансата и ЕУ.

Всушност сè на сè сите активности во Македонија во 2017 година беа насочени кон создавање услови за градење еднакво општество за сите граѓани во Република Македонија па во таа насока логично очекувана беше голема победа на на тој концепт на локалните избори кои се случија во октомври 2017 година.

Општините добија нови локални власти, а Парламентот го донесе Буџетот 2018 во која се зацртани контурите на политиката за економска стабилизација и нормализација, но и реален економски развој на државата.

2017 година ќе ја паметам и по мојата заложба како пратеник на парламентарното мнозинство во Парламентот на Република Македонија сè што сме ветиле пред граѓаните да го реализираме, а заедно со моите колеги пратеници како неуморни борци за правата на граѓаните, правата на жените и ранливите категории, борци за зачувување на животната средина, борци за правда и демократија да продолжиме со донесување на закони кои ќе донесат подобар живот за сите граѓани на Република Македонија.

Мојата активност беше и ќе е целосно насочена кон подобрување на квалитетот на образованието, здравствената заштита на граѓаните, социјалната и економска стабилност на семејствата во државата, подобрување на животот во Охрид и голема заложба за решавање на најгорливите проблеми што го тиштат мојот град и моите сограѓани.

И конечно на крајот од 2017 година на седница за пратенички прашања поставив прашања од интерес на сите граѓани на државата, но би го издвоила првото поставено дирекно на премиерот на државата на кое добив и потврден одговор: ДА државата ќе асистира и помогне во решавање на финансискиот проблем на општина Охрид, а долговите на општините Охрид и Струга кон Министерството за финансии државата има намера да ги преземе и што е најважно државата ќе ја преземеме обврската за реконструкција и надградба, одржување и стопанисување со Колекторскиот систем на охридско-струшкиот регион преку формирање на јавно државно претпријатие.

Во Новата 2018 година очекувам промени во позитивна насока, а посакувам мир, спокојство, подобар живот за сите граѓани во Македонија, политичка и економска стабилизација на државата, враќање на насмевката на лицата на нашите граѓани, нормализација на живот на сите граѓани во државата.

Посакувам лична, семејна и професионална среќа за сите нас, здравје и убави моменти исполнети со спокој и чувство на сигурност.

И конечно посакувам реализација на мотото ЕДНАКВО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ во Република Македонија како рамноправна членка на ЕУ и НАТО!

Мојата порака до сите граѓани во Охрид и Македонија е дека јас како Пратеник во Собранието на Република Македонија ќе работам во интерес на сите, ќе бидам гласноговорник на нивните желби и потреби и воопшто нема да се штедам во моето залагање во создавање Законски услови за подобрување на економијата, образованието, социјалната и здравствената заштита во државата. Ќе се залагам за квалитетен живот на сите граѓани затоа што за мене сите се важни!Ќе учествувам во донесување на Закони за професионално и независно рааботење на сите државни институции. Секоја моја одлука ќе биде донесена во интерес на граѓаните на Охрид и Македонија.

Дочекот на Новата 2018 година за мене претставува надеж, желба и верба во нова посветла иднина, а приликите се такви што оваа година дочекот ќе се случи во домашен семеен амбиент.

Среќна, успешна и бериќетна Нова 2018 година!

д-р Томислав Тунтев, Пратеник во Собранието на Република Македонија

Годината што изминува првенствено ќе ја паметам по немилите настани пред и на 27 април, односно по крвавиот четврток во Собранието на Република Македонија, кога беа преминати сите граници на нормално човечко, професионално и колегијално однесување, кога се сееше раздор, поделба и омраза меѓу народот и кога главниот збор го имаа насилството, заканите, уцените и беззаконието. Исто така, 2017 година ќе ја паметам по плебисцитарното изјаснување на граѓаните во Република Македонија на одржаните локални избори, кога огромното мнозинство се определи за едно општество за сите, за живот во сите општини, за владеење на правото и правната држава, како и за забрзан локален економски развој, повисок животен стандард на граѓаните и подобри услови за живот и работа на младите.

Во новата 2018 година посакувам конечно да се стави крај на кризите и поделбите, да почнеме да живееме во нормална држава, каде што ќе владее правото и правната држава, каде што законите ќе важат за сите подеднакво, каде што иселувањето на нашите млади и стручни кадри ќе запре и каде што сите заедно, сплотени и единствени, ќе се занимаваме со суштински прашања и ќе ги практикуваме и споделуваме во нашите животи нормалните универзални цивилизациски демократски вредности… како дел од НАТО, и со започнати преговори за членство во ЕУ.

На Вашите ценети и почитувани читатели им ги честитам претстојните празници, и им посакувам Новата Година да им биде исполнета со среќа, здравје и успех на сите полиња.

Новата Година ќе ја дочекам во мојот град Охрид, во друштво со најблиските и најсаканите. Нека ни е среќна и бериќетна на сите, и многу подобра од оваа што изминува.

Снежана Стефаноска – советник при Општина Охрид

Оваа 2017та е година која не би сакала да се повтори. Ќе ја паметам како една од најлошите години за Р. Македонија од осамостојувањето до денес. Беше година во која кулминира општествено-политичката криза, а тоа резултира со повеќемесечно опстојување на РМ без влада. Имавме одложување на локалните избори и опасност од губење на унитарноста на државата. Последниве месеци се соочивме со многу притвори кои водат кон уште поголемо продлабочување на кризата. На личен план ќе ја паметам по некои убави, но и по некои помалку убави денови исполнети со работни, семејни и партиски обврски.

Во Новата 2018та година посакувам завршување на политичката криза. Посакувам Република Македонија да биде пристојно место за живеење во кое моите деца и сите млади ќе работат и ќе придонесат за поголем економски просперитет на нашата држава без да размислуваат да заминат од неа.

Новата година ќе ја дочекам во кругот на семејството.

Кирил Пецаков, претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид и советник при Општина Охрид

2017 како година ќе ја паметам по многу убави нешта на професионален и на приватен план и се надевам следниот период од животот ќе ми изминува во слично темпо. На политички план, за жал поразот на локалните избори го наруши впечатокот на севкупното доживувавње за 2017, меѓутоа ќе се бориме и работиме за што поскоро нормализирање на работите и доаѓање повторно на власт.

Во 2018 посакувам на сите многу здравје, среќа, успеси и бериќет на сите граѓани на Охрид, а на вас како портал уште поуспешна година, многу текстови, статии, приказни и објективност.

Новата година ќе ја дочекам во фамилијарна атмосфера со мојата фамилија, со сопругата и со синот.

Доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе, историчар

Секоја индивидуа на крајот од тековната година треба да направи ретроспектива на се она што изминало и низ призмата на тоа согледување да направи селекција на мемории по кои ќе ја памети таа година. Тоа е пракса која ја практикувам подолг временски период се со цел добивајќи си сопствен заклучок за изминатата или изминатите години на дејствување. Сепак ако ја поврзам и својата професија како научник – историчар тогаш несомнено оваа пракса би ја вметнал и како професионална деформација. Низ една таква ретроспектива за 2017 година сигурно дека ме поврзуваат неколку професионални проекти но и многу реализирани дејности на приватен план.

Во текот на цела 2017 година го чувствував владението на книгата за Петар Чаулев која излезе на 23 декември 2016 година со што практично таа монографија кај читателската публика пристигна во почетокот на 2017 година и нескромно можам да кажам дека преставува книжно дело кое во целост ја задоволи читателската публика. Моето дејствување како историчар во 2017 година го продолжив со серијалот ОХРИД ОД ПОНАПРЕД ДО ДЕНЕС, креиран во 20 епизоди, чија содржина беше во целост моја. Впрочем тоа беше еден ентузијастички проект кој многу им се допадна на Охриѓани, согледувајќи ја таа урбана или подетална историја на градот Охрид, со што веќе започнав да добивам понуди и од други градови за изработка на нешто слично. 2017 година ми преставува доста значајна година бидејќи конечно се снима серијалот за градот ОХРИД за потребите на МТВ, а во режија на познатиот охридски режисер Илија Пиперкоски, при што морам да потенцирам дека четвртaта епизода беше во целост напишана од моја страна. Со Илија не поврзува и документарниот филм за Охридскиот револуционерен деец МЕТОДИЈА ПАТЧЕВ кој беше снимен пред околу месец дена. Сметам дека преку гореспоменативе проекти за кои треба многу труд уште во првата половина на 2017 година успеав да го реализирам испланираното. Но мојот творечки ентузијазам не застана тука, веќе во целост се завршени три книжни дела кои се работеа во текот на 2016 и 2017 година и кои ќе бидат презентирани на јавноста парцијално низ 2018 година.

Особено ми е важно и моето назначување за извршен директор на Фондацијата Македонско наследство ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ, која делува на национално ниво и преку која веќе направивме неколку хуманитарни донаторски акции, како и многу средби со амбасадори, функционери со кои заеднички реализиравме, но и ќе реазлизираме многу проекти од различни домени. Некои веќе беа презентирани во јавност некои не, но она што е сигурно дека Фондацијата со сигурност просперира низ нашево секојдневие и се краси со голем број на успеси. Од приватен план мора да истакнам дека открив колкаво значение има природата за сите нас, па затоа започнав со она што се вика авантуристичко пешачење низ повеќе предели во охридско кичевскиот регион и согледување на природните убавини. Затоа многу често како дестинации за пешачење ги користам патеките до манастирите Св.Ѓорѓија Кнежино и Манастирот Св. Богородица Пречиста во Кичево и топло ги препорачувам на сите љубители на планинското пешачење. Накратко тоа би било она што ќе го забележам во мојот бележник за 2017 година.

2018 година ќе преставува динамична година ако се согледа според професионалнитe ангажмани и проекти кои треба да се сработат. Пред се моја желба, а и очекувања се насочуваат кон промоција на трите гореспоменати книжни дела, ме очекува турнеја за промоција на книга а и филм поврзани со Охридскиот бисер и мојот пријател Михајло Филев, заедно со Ѓоко Алоски и се надевам ќе има уште некои документарни серијали. Несомнено тука е желбата поврзана со фондацијата Тодор Александров при што би сакал јас како нејзин прв човек со сиот свој труд и знаење да ја направам уште поуспешна. Што се однесува на приватен план 2018 година сакам да биде исполнета пред се со здравје и љубов, и благосостојба на моите најблиски: моите ќерки Христиана и Кирјана и мојата сопруга Ана, бидејќи на тој начин ќе успееме и во другите планови. Една од моите желби е што поскоро да го видам мојот пријател Љубен Арнаудов и како и обично во Аквариус секое саботно утро да пиеме кафе.

Од кога го имам тој благодет наречен ќерки, дочекот на новата година прерасна во еден обичај на заедничко дружење на семејството со мнение дека нема поубав завршеток и почеток на една година покрај своите најблиски. Така што за пречекот на новата 2018 година ќе бидам во домашен амбиент. И еве во оваа прилика баш Би сакал и на Вас како редакција, но и на сите Ваши читатели да им посакам успешна нова година.

Сашо Митаноски, менаџер – сопственик на Супер радио, ОхридПрес и Инпрес

Годината која е зад нас секако ќе ја паметам само по убавите настани, иако беше бурна и се случија многу настани кои по своето значење секако ќе ја одбележат иднината на нашата земја. Ја одбележаа „Бомбите“ и сè она што следуваше по нив, а резултираше со менување на власта. Имавме протести по улиците, шарени револуции… И Охрид не беше имун на овие настани кои доведоа и до менување на локалната власт. Сепак имаше и убави работи – оставаме едно бурно лето зад нас, кое, според мое мислење, доколку не ни се случија земјотресите, ќе беше лето за паметење. Сепак и тоа помина добро, дојдоа многу познати имиња во градот од делот на музиката, културата… На лично поле годината која е зад нас беше една од најуспешните. Започнавме многу успешни проекти како Талент шоуто OhridSUPERSTAR, го снимаме големиот проект „ДОСИЕ ОХРИД“, „Охрид во 10“, „За добро“, го прославивме 25-тиот роденден „Во ритам со Охрид“, ја добивме повелбата на „Св. Климент“, а за крај на една ваква СУПЕР успешна година на Охрид му подаривме еден, според мене одличен проект „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ со кој ќе ја крунисаме оваа година и кој се надевам дека одговорните ќе го спроведат соодветно и следната година ќе се реализира во целост и ќе прерасне во традиција, на задоволство на сите.

Околу желбите, прво да имаме здравје и среќа за сите, тие што сме ги избрале да ги додржи умот и да не заборават на нивните ветувања, да имаме понормални услови за работа за да можеме да одиме уште понапред, да вработуваме повеќе луѓе, а на тие кои веќе работат да им овозможиме подобри услови.

Околу, прославата, јас сум повеќе за оние пред и поновогодишни забави, а новогодишната ноќ најчесто ја поминувам со семејството, па најверојатно така ќе биде и оваа година, доколку Тања, Виктор и Јован не ми испланираат нешто друго…

Од мое лично име сакам на сите ваши читатели да им посакам мирна, среќна и успешна Нова 2018 година.

WebOhrid