20/04/2024
Охрид

Јованоски: Нашето мото е туризам 365 дена и тоа не се само празни зборови. Имаме визија и план како да го реализираме тоа

СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ денес одржа прес-конференција на која се обрати носителот на советничката листа, Науме Јованоски Чакар.

„Нашата држава и нашиот град кој е најголем туристички центар во изминативе речиси две години функционираат во едни исклучително тешки услови. Во време на пандемија да развиваш туризам е речиси невозможно. Но, со добра стратегија и поддршка од Владата на Република Северна Македонија, успеавме да се одржиме на туристичкиот пазар.

Во насока на поддршка на туристичкиот сектор и сите сегменти кои се поврзани со него и со цел да се помогне во надминување на штетите од ковид кризата, ќе продолжиме со доделување на субвенции за станоиздавачите, туристичките водичи, езерскиот превоз, занаетчиите и останатите туристички чинители.

Воведуваме систем на планирање на културни и забавни активности во шпицот на летната сезона со цел да се обезбеди контролирано организирање на големи манифестации и концерти. Подготвуваме календар за настани, со кој ќе се овозможи планирање на содржините и бројот на настани кои ќе може да се организираат во еден ден или викенд. Целта на оваа активност е намалување на метежот и нарушувањата на јавниот ред и мир, намалување на бучавоста и избегнување на слични проблеми со кои се соочуваат жителите, туристите и комуналните служби.

Продолжуваме да работиме на мерки за подобрување на туристичката инфраструктура и да спроведуваме мерки за поголема промоција на Охрид на туристичкиот пазар. Работиме согласност со новата Стратегија за развој на туризмот и ги овозможуваме сите потребни предуслови за подобар развој на постоечката понуда, со поголема промоција на алтернативните форми на туризам.

Работиме на полето на зголемување на редовните авиолинии кон охридскиот аеродром и ќе организираме промотури за странски туроператори. Продолжуваме да организираме и поддржиме културно-забавни настани за збогатување на содржините надвор од туристичката сезона. 

Предвидуваме унифицирање и поголема контрола на јавниот, такси презоз и езерскиот транспорт. Во соработка со превозниците, такси компаниите и сопствениците на пловни објекти кои вршат превоз на патници, ќе работиме на подобрување на условите со цел да се подобрат услугите кои ги добиваат патниците.

Нашето мото е туризам 365 дена и тоа не се само празни зборови. Имаме визија и план како да го реализираме тоа. Ние знаеме, ние можеме, ние сме најдоброто за нашата општина. 

Затоа на 17ти октомври гласајте за градоначалникот Константин Георгиески и Советничката листа на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.“ – истакна Јованоски.