28/03/2024
Охрид

Јованоски: СДСМ покажа и докажа дека вистински е посветена на креирање квалитетни политики

СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати носителот на советничката листа, Науме Јованоски – Чакар.

„Почитувани граѓани на Охрид, наши пријатели, соседи, вљубеници во нашиот прекрасен град.

Предводејќи ја локалната и централната власт, СДСМ покажа и докажа дека вистински е посветена на креирање квалитетни политики, дека реализира значајни проекти и неуморно работи за обезбедување на подобра иднина за Охрид. За нас е особено важен и квалитетот на инфраструктурата што ја создаваме. Со нашите успеси на ова поле покажуваме дека сме суштински различни од претходниците.

Благодарение на ангажманот на нашиот градоначалник Константин Георгиески, реконструирани се и асфалтирани значајни градски сообраќајници и значително се подобрени условите за безбеден сообраќај.

Комплетно се реконструираа улиците „15-ти Корпус“, „Абас Емин“, “АСНОМ”, “Егејска”, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и изградена е нова улица на потегот во поранешната касарна.

Во финална фаза се градежните активности за реконструкција на улицата „Јане Сандански“, а следува реконструкција на улиците „Македонски Просветители”, Будва”,Гоце Делчев”, Прилепска.

Предвидуваме изградба на улицата „Јордан Мијалков“ реконструкција на улиците „Партизанска“, „Димитар Влахов“, „7-ми Ноември“, „Илинденска“, „Шар Планина“, „Галичица“ и многу други улици во сите делови од градот.

Се подготвува проект за создавање на систем за јавен велосипедски превоз со изнајмување на велосипеди.

Подобрен систем за контрола на движењето на возилата во стариот дел на градот. Ќе инсталираме современ дигитален систем со смарт видео надзор, за контрола на движењето на возилата и подобра функционалност на режимот на сообраќај во стариот дел на градот.

Воведуваме нов современ еко превоз со набавка на еколошки електрични возила за транспорт на туристите и организирање на промотивни тури во стариот дел на градот.

Остануваме посветени и продолжуваме да инвестираме во современ развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за туристички напредок. Имаме јасна идеја и конкретен план.

Ние како советничка листа на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ ја заслужуваме вашата несебична поддршка, како и поддршката за уште еден мандат на нашиот Градоначалник Константин Георгиески.

Убедени сме дека заедно со него на 17-ти октомври ќе имаме уште една голема победа за Охрид!“ – истакна Јованоски.