18/04/2024
Охрид

Јубилеј на кореографката Рисима Рисимкин на Охридско лето

Со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ , една од водечките домашни кореографи, уметнички директор на светски реномираниот „Скопје танц-фест“ и основач на првата официјална компанија за современ танц во земјата, Рисима Рисимкин, денеска  во 21 часот во Предворјето на црквата „Св. Софија“, ќе го одбележи јубилејот, триесет години активно кореографско творештво, како дел од годинешното издание на Охридско лето.

„Среќна сум што и покрај ситуацијата што нѐ затекна, успеваме да најдеме начин на работа и споделување на уметноста со нашата публика, што е и есенцијално. Сметам дека одбележувањето триесет години активна работа во полето на современиот танц на 60-тото издание на манифестација ,како што е Охридско лето, е вистинскиот начин да се прослави овој јубилеј. Особено се чувствувам поврзана со овој наш фестивал бидејќи токму таму, во 1996 година, почна Неделата на модерен балет во организација на Културниот центар ‘Интерарт’ како прва организирана манифестација за современ танц во Македонија, благодарение на слухот и препознавањето на визијата што ја имавме од страна на тогашниот селектор, госпоѓа Снежана Чадикова. Се надевам дека публиката ќе ужива во претставата, што со толку љубов ја подготвуваме. Се чувствуваме како повторно да го откриваме храмот на уметноста, која, сигурна сум, ќе го спаси светот. Во претставата учествува една извонредна танчарска и креативна екипа на Скопје танцовиот театар, кој оваа година во своите редови ги вклучува Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески и Исидора Краљевска. Првпат како кореограф остварувам соработка со првенката на Националната опера и балет, Мими Поп-Алексова, и сум исклучително задоволна од процесот на креирање“, истакна Рисимкин.

Претставата е во кореографија и режија на Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костимите се на нејзиниот долгогодишен соработник Благој Мицковски, а сценографијата е со потпис на Матеа Мијановиќ.