28/03/2024
Македонија

Карневалот во Вевчани – симбол на критичката култура

Вчера заврши Вевчанскиот карневал, традиција постара од 14 векови која се изведува за време на верскиот празник Свети Василиј Велики односно Василица. Карневалските денови во Вевчани, освен традиционалните обичаи донесоа и вечерни концерти со богата музичка програма. И годинава Карневалот го посетија многу домашни и странски гости, кои имаа можност да видат илјадници уникатни маски што се кријат сè до самиот настан…

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и делегација на Министерството, заедно со градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски присуствуваа на карневалското дефиле и на неколку од настаните кои беа дел од карневалската програма.

„Вевчани заслужува овој препознатлив фестивал и сите други приказни што ги има да го направат позната и брендирана туристичка, но и културна дестинација. Карневалските маски резонираат и со новите владини политики, критични се, отворени и го шират она за што ние се залагаме како принцип – демократизација на културата, на општеството, освојување нови хоризонти на критичката култура”, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Министерот Алаѓозовски и самиот се приклучи кон карневалскиот дух. Тој ги пресретна на прошетка и според обичајот ги даруваше карневалскиот зет и невеста. Неговото обраќање за време на главното карневалско дефиле го искористи за да се пошегува на сметка на фактот со кој го запознаа домаќините – дека се помалку новороденчиња го носат името Васил, ветувајќи пред василичарите дека заедно со градоначалникот Јанкоски ќе обезбедат субвенции за сите новороденчиња што ќе го добијат името Васил, за да може товарот на карневалската прослава да биде порамномерно распределен. За време на дефилето, министерот за култура се поздрави срдечно и со својот „двојник“, карневалската маска „министер за некултура“.

Меѓу стотиците маски на карневалот, низ призма на познатиот остар вевчански хумор беа прикажани светски и домашни политичари, јавни личности, настани и актуелни теми. Карневалската прослава заврши со полнење вода од изворите и замесување на василичарската погача и палење на маските. На концертите во петокот и саботата навечер, пред бројна и разиграна публика меѓу другите настапија „Чалгија Саундсистем“, Џамбо Агушев, Рутбој, „Фолтин“ и Кирил Џајковски.