Кажете го своето мислење: Како до едно општество за сите, без етнички предрасуди, поделби и тензии?

ЦИВИЛ ја започна акцијата „Граѓански форум за учество во креирање на владините политики“ на 7 август. Тоа е јавен повик до сите заинтересирани граѓанки и граѓани да ги споделат своите очекувања, предлози и барања за идната Влада на Република Северна Македонија. Прилозите почнаа да пристигнуваат уште истиот ден. Редакцијата при медиумската платформа на ЦИВИЛ секој ден објавува избор од пристигнатите прилози.

Оваа акција продолжува со неколку конкретни прашања и области во кои и самата организација има големо искуство и влијание. Првата конкретна област што денеска се отвора е владината стратегија „Едно општество за сите“.

Како до едно општество за сите, без етнички предрасуди и поделби?

Предрасудите кај луѓето може да се вгнездат и не секогаш да бидат препознаени од самите носители. Врз нив се темелат и дискриминацијата, сегрегацијата, поделбите и тензиите.

Откријте ни ги предрасудите што ги препознавате кај себе и кај другите, кај медиумите или во институциите. Како мислите дека треба да се бориме против нив, а што треба да преземе владата во идниот мандат?

Секако, остануваат појдовните прашања на кои и понатаму треба да се одговара како и до сега:

Каква влада очекувате да формира мандатарот? Што треба да направи владата, каква програма треба да донесе? Што им е најважно на граѓанките и граѓаните? Како да се оствари тоа?

Авторите на најквалитетните текстуални и видео прилози ќе добијат и паричен надомест (хонорар), соодветно на проектните и буџетските можности на организацијата.

Сите се поканети да учествуваат и да дадат предлози во областа на човековите права и слободи, правосудството, меѓуетничките и меѓуверските односи, изборниот систем, социјалната правда, образованието, здравството, културата, економијата, евроатлантските процеси, меѓународните односи, дијаспората, безбедноста, борбата против корупцијата и хибридните закани, како и други области што се во интерес на граѓанките и граѓаните.

Пожелно е прилозите да бидат фокусирани на една тема, да бидат реалистични и да се однесуваат на мерки и процеси кои се актуелни и остварливи, особено во контекст на освоените места на партиите во парламентот.

Учесниците во оваа акција за прибирање мислења, предлози и барања, можат да се потпишат и да испратат фотографија со кратка биографска белешка (максимум 10 реда), можат да се снимаат со видео обраќање, но можат да побараат да останат и анонимни (тоа треба да го набележат во својата порака до нас).

Прилозите треба да се испраќаат на civil.macedonia@gmail.com со назнака: „Граѓански форум за учество во креирање на владините политики“. Исто така, тимот за медиумска продукција стои на располагање и за снимање на заинтересираните.

ЦИВИЛ порачува: „Учествувајте! Само така декларациите ќе ги претвориме во реалност!“