28/03/2024
Македонија

Казни за пуштање во промет на брашно без лабораториски анализи

Агенцијата за храна и ветеринарство изрече глоби на две компании увозници на брашно за непочитување на изречена забрана за пуштање во промет на храна до добивање на резултати од извршени лабораториски испитувања, односно без решение со кое се одобрува пуштање во промет. Едниот оператор од увезените 50 илјади килограми брашно, непочитувајќи ја изречената забрана од инспекторите за храна, на пазарот пласирал 13.425 килограми брашно увезени од Република Србија.

По извршениот инспекциски надзор, наредено е брашното да се повлече од промет и да се врати во магацинот на увозникот каде биле ускладиштени преостанатите 36.575 килограми брашно. На овој оператор со храна изречена му е глоба од 2.550 евра во денарска противвредност, а со 765 евра казнето е и одговорното лице на компанијата.

Другиот оператор на пазарот пласирал 24 илјади килограми брашно кои ги увезол, исто така без да ги добие резултатите од лабораториските испитувања. По наредба на инспектор за храна, целокупната количина брашно која била складирана во магацинот на неговиот купувач е повлечена и вратена во магацинот на увозникот. На овој оператор со храна изречена му е глоба од 2.400 евра во денарска противвредност и 750 евра за одговорното лице во него.