25/04/2024
Македонија

Кирацовски: Институциите имаат должност да го расветлат случајот од 27 април, пратениците не се над законите

Враќањето на правната држава е нешто за што сите со години се боревме. Собранието мора да биде првото место каде што правдата ќе владее, порача во своето обраќање пратеникот од СДСМ и генерален секретар на партијата, Александар Кирацовски, на денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања во Собранието на Република Македонија.

Кирацовски истакна дека им простил на неговите колеги пратеници за 27 април, но истовремено посочи дека пратениците не смеат да се ставаат во улога на обвинители и судии и не смеат да попречуваат судски постапки.

„На 27 Април повеќе наши колеги беа повредени, малтретирани и ставени во заложниство. Тоа се коси со сите човечки морални приници, а се коси и со позитивните законски норми во нашата држава. И покрај се, лично јас уште кога се избираше Владата на РМ, им простив на нашите колеги од опозицијата кои учествуваа на овој немил настан. Видов дека самите тие не биле свесни во каква игра биле ставени, но видов и дека тие нема да му простат на тој што ги натерал да го направат тоа. Делата кои се случија на тој ден се евидентни, ги виде и осуди целата домашна и меѓународна јавност. Кога сме исправени пред вакви одлуки, треба да бидеме свесни дека ние сме пратеници, обични луѓе и не смееме да се ставаме над законите и не смеме да се ставаме во улога на судии и обвинители. Кои сме ние да попречуваме одредена судска постапка? Досега судот барал да се симнува имунитет на пратеник, а Собранието го овозможувало тоа.“ порача Кирацовски.

Пратеникот во Собранието и генерален секретар на СДСМ, Кирацовски истакна дека тој и неговите колеги од парламентарното мнозинство ќе гласаат за барањето на Основниот суд Скопје 1 бидејќи со тоа ќе се овозможи непречено спроведување на истрагата за инцидентите од 27 април.

„Институциите на системот имаат должност до крај да го расчистат случајот од 27-ми април. Заради потребата од владеење на правото и почитувањето на законите но и никогаш повеќе да не се повторат ваквите случаи. Законот мора да важи за сите подеднкаво. Никој не е над правдата и законите, па ниту ние пратениците. Затоа јас денеска со моите колеги од владејачката коалиција ќе гласаме за барањето на судот со што ќе се овозможи постапката што судот ја започна да биде спроведена непречено.“ посочи Кирацовски.