16/04/2024
ИнтервјуСпорт

Кирил Лазаров: Треба да се верува во она што се сака и соновите ќе се остварат

Македонската ракометна репрезентација успеа повторно да се пласира на Светско првенство. Градот Охрид, поточно хотелот „Аквалина“ деновиве е домаќин на вториот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“.

WebOhrid го интервјуираше најдобриот македонски ракометар и актуелен капитен на македонската репрезентација, Кирил Лазаров.

WebOhrid: Кирил, најпрво честитки за пласманот на нашата репрезентација на Светското првенство во ракомет 2017 кое ќе се игра во Франција. Дали Македонија ќе има сили да се прикаже на достојно ниво на претстојното Светско првенство?

Лазаров: Мислам дека ова е многу важен момент општо за македонскиот спорт и посебно за македонскиот ракомет, да го задржиме тој континуитет на натпреварувања, бидејќи нема бегање од тоа дека пополека, но сигурно треба да има смена на генерации за ракометарите репрезентативците кои што доаѓаат и од таа страна е многу важно за нив коишто ќе се изборат да бидат дел од нашата репрезентација на тоа Светско првенство, да го осетат тој спорт – врвен ракомет уште од млади години, да видат до каде се гради во гради со најдобрите во светот. Многу ќе беше тешко доколку не се пласиравме, ќе имавме еден ваакум на одредено време каде што немаше да бидеме на тие големи натпреварувања, а со самото тоа не може да напредуваш, колку и да тренираш и да се посветуваш, Светското првенство ти дава за право да се надигруваш со најдобрите, а тоа во овој момент е потребно за тие млади играчи.

WebOhrid: Што му е потребно на ракометот во Македонија, можеби токму ваков камп за млади таленти како што е овој во Охрид?

Лазаров: На ракометот во Македонија му е потребно да се возобноват сите спортски центри кои што имаат традиција, а ги има многу низ Македонија коишто во последно време се изумрени, тоа е една работа. Друга работа е да им се посвети уште поголемо внимание на овие млади играчи да работат со стручни кадри, со квалитетни тренери, затоа што во последно време имаме квантитет, и да пробаме како спорт, како држава да ги заштитиме нашите македонски играчи, да им се дава поголема шанса во нашите дури и во добрите клубови за да можат да напредуваат, затоа што тренинг е едно, а играње е друго. Еден добар натпревар може да замени 300 до 400 тренинзи, а толку тренинзи не можат да заменат еден добар натпревар. Значи, самиот натпревар е каде што ние најмногу напредуваме во ракометната игра.

WebOhrid: По втор пат го организирате летниот ракометен камп. Каков е твојот впечаток за Охрид и за хотелот „Аквалина“?

Лазаров: Па, веќе е многу полесно, ние лани имавме прво успешно издание, иако малку стравувавме можам слободно да кажам,  веќе имаме фатено некоја рутина, искуство, и се чувствуваме многу порастеретено, затоа што таа рутина ја фативме и знаеме како да се однесуваме, имаме добра организација со луѓето од КМГ спорт, така што оди се како што треба, дури и проширивме во две смени, затоа што не сакавме иако тоа не беше првична идеја да ги враќаме децата назад, дел од своето слободно време ќе одвојам за тоа, иако тоа слободно време го немаме во изобилие, професионалци сме, имаме многу малку денови за одмор, но што е тука е, се чувствуваме многу добро. Охрид како град кој што го одбравме е полн погодок за мене, значи за тоа воопшто не се двоумевме, имаме идеални услови тука во овој спортски комплекс, значи годинава имаме уште подобри услови, хотелот „Аквалина“ е доусовршен, климата е перфектна, за да може да се одржува овој камп покрај брегот на Охридското Езеро, така што максимално ги користиме сите овие услови.

WebOhrid: Лазаров и наредната сезона остануваш во Барселона, каде што ќе настапувате заедно со Борко Ристовски. Нешто околу тоа?

Лазаров: Мене ми е драго, како што реков, што еден Македонец ќе биде дел од Барселона и ќе биде заедно со мене, тоа го немаме во нашата спортска историја откако постоиме како држава. Ќе пробаме, ќе се трудиме да направиме добри резултати, да напишеме една историја во Барселона дека двајца Македонци во тоа и тоа време направиле некој добар успех со најголемата спортска институција во светот – Барселона.

WebOhrid: Договорот со Барселона истекува наредната година. Што потоа?

Лазаров: Во нашата бранша никогаш не можеш да предвидуваш, ниту пак да планираш што и како. Од ден на ден се менуваат работите, можам слободно да кажам дека еве, по завршувањето на една успешна сезона, по пласирањето на Светско првенство, најважно е прво добро да се одмориме, да се регенерираме и спремни да ја започнеме новата сезона, а што ќе ни донесе времето тоа ќе видиме.

WebOhrid: Дали Кирил Лазаров по завршување на играчката кариера ќе можеме да го гледаме повторно во спортот, ракометот, како тренер или пак на некое друго поле можеби во политиката, како градоначалник, министер, премиер, претседател…?

Лазаров: Не, не… Јас сум најдобар во она што го работам и што го сакам, а тоа е спортот, тоа е ракометот. Јас би сакал и понатаму, по играчката кариера да останам во спортот, затоа што мислам дека на тоа поле можам најмногу да дадам, да допринесам. Имам богато интернационално искуство, имам сменето многу држави, имам тренирано, играно со најдобрите играчи, со тренерите, имам акумулација на големо искуство и мислам дека најдобро би се снашол во таа сфера, во онаа сфера каде што сум најдобар.

WebOhrid: Колку е тешко да се биде професионален ракометар, еве во случајов, колку е тешко да се биде Кирил Лазаров, дали има слободно време за приватен живот?

Лазаров: Има време, треба само добро да се организираш, има време за се, иако да се биде професионален ракометар на ова ниво на кое што ние играме не е воопшто лесно, можеби на навивачите кои гледаат од страна тоа така им изгледа, меѓутоа треба посветеност, треба големо жртвување и затоа треба да се почитуваме самите себе. Некогаш ќе биде поуспешна година, некогаш понеуспешна, некогаш ќе победуваш, а некогаш и ќе губиш, меѓутоа самиот знаеш и своите најблиски колку си се посветил на тоа, колку си се жртвувал и затоа секогаш ги разбирам големите спортисти во победи и во порази секогаш им давам максимална поддршка.

WebOhrid: Кирил, ти благодариме за издвоеното време. Сосема за крај на разговорот, која е твојата порака за сите читатели на WebOhrid, а особено кон младите кои сакаат да започнат со ракомет?

Лазаров: Мојата порака е да се работи она што се сака, да се посвети максимално 100%, да се залага и да се верува до крај. Никој во животот, во било која сфера, не постанал успешен преку ноќ. Водејќи се по мојот пример, мислам дека треба да се верува во она што се сака и соновите ќе се остварат. Не треба да има застанување или разочарување на првата, втората или третата пречка, треба да се водиме сами по себе, по својата интуиција. Не треба многу да се осврнуваме и да им веруваме на луѓето околу себе, затоа што мислам дека тоа е погрешен чекор. Како што кажав, пречки има, имало и ќе има. Важно е да се верува во нешто што се сака и што се работи и да се посакува страстно.

WebOhrid