28/03/2024
Македонија

Клуб на млади лекари: Најавениот проект за вработување на млади лекари е од особена важност да успее

Клубот на млади лекари испрати соопштение во врска со последната новина во низата промени за повисок стандард и подобри услови на здравствените работници во земјава, кој што деновиве го најави министерот за здравство д-р Венко Филипче. Соопштението го пренесуваме во целост:

Проектот кој го најави Министерството за Здравство за самошто дипломираните млади лекари, е проект кој ќе користи доста средства од буџетот за здравство. Поради тоа, мислиме дека успехот е од голема важност не само за нас, туку и за иднината на односите со централната власт. Затоа е од посебна важност овој проект да успее. И за да успее мислиме дека треба да се посвети повеќе време во фазата на спремање и анализирање на моделот. Имено, треба да се внимава на повеќе точки, меѓу кои:

  1. Колку ќе биде загарантирано вработувањето на новодипломираните лекари, доколку се пријавуваат на истиот конкурс и постари лекари од претходните генерации, кои се невработени или планираат да започнат специјализација, имајќи предвид дека овој стаж ќе биде услов за специјализација.
  2. Да се изготви анализа со потребите и проблемите во консултација со сите засегнати страни, како институции, граѓански сектор, корисници на јавно-здравствените услуги.
  3. Да се определат стриктни критериуми за распоредот на младите лекари по здравствените домови низ државата.
  4. Да се проучи можноста за таков шест-месечен стаж да се одржи таму каде има основ истиот да се претвори во трајно вработување, за младите да вложат поголем труд и да не гледаат на тоа само како задолжителна пракса.
  5. Да се консултира академскиот кадар на државата за правецот во кој треба да се фокусира проектот за да има перспектива и да не се гледа само како привремено ублажување на нетрпението на младите лекари.
  6. Да се процени колку ова, дополнително додавање на услов за специјализација, ќе го одложи создавањето на нови специјалисти кои и така се во дефицит поради постојаното заминување на македонските лекари во странство.
  7. Дали младите лекари на стаж ќе добијат личен профил во Мој Термин и дали ќе користат сопствен факсимил или ќе прегледуваат и пишуваат извештаи и терапија во име на специјалист?
  8. Каква услуга ќе добијат пациентите од штотуку дипломираните млади лекари и која ќе биде нивната одговорност?
  9. Кој ќе ја оценува работата на младите лекари?
  10. Како оваа мерка ќе го спречи партиското влијание при вработувањето?

Овој проект треба да води кон подобри услови како за младите лекари така и за пациентите. Затоа, потребно е попрофесионално и подетално анализирање на изградбата на моделот за овој проект, пред неговиот успех да се вети со сигурност и бараме да бидеме вклучени во креирањето на истиот.