19/04/2024
Писма/КолумниСтруга

Кој ги сече шумите во Вишни и околните села?

Речиси 15 години Вишенци се соочуваат со неконтролирана експлоатација на шумите во Јабланица, кои се случуваат во нивниот атар. По десеттици камиони огревно дрво, дневно е просекот кој го сведочат неколкуте присутни жители во Вишни.

Планот за стопанисување со шумскокултурни работи од ШСЕ „Јабланица-Ќафасан“ кој ги опфаќаше одделите 54/а и 55/б во атарот на селото, овозможи 15 години, неограничено експлоатирање на шумскиот фонд, каде e извршен голосек, односно сечење на цели површини со шума без да се води сметка за обновувањето/ одржливоста на шумата. Ваквото стопанисување предизвика ерозија, свлечишта, намалување на водостоите во вишенските извори, појава на порои, оштетување на локалните патишта изградени со самопридонес на населението. За сметка на тоа концесионерите видно профитираат од продажба на стотици илјади метри кубни огревно дрво, без никаков надомест, амортизација за направена штета. Месна заедница Вишни, низ годиниве потрошила преку 9000 евра за санација (покривање) на дупки и оштетувања на патот, како резултат од товарните камиони кои постојано го корисат, со цел да ги заштити корисниците на сообраќајот, бидејќи самиот ридско планински терен и дотрајаноста на патот – создаваат и животозагрозувачки ризици!!

Иако планот за стопанисување со шумата во атарот на Вишни, завршил заклучно со мај 2019 година, активностите на терен сеуште продолжуваат, па 3 години потоа камионите продолжуваат да изнесуваат и по неколку камиони дневно. Како што се изјаснуваат од ПШС ЈАБЛАНИЦА, овој тренд е како резултат на сечење на приватни шуми од страна на сопствениците. Сепак, недостига соодветна евиденција и се отвара сомнеж кај Месната заедница дека и во овој случај се манипулира со добиените дозволи за сечење на дрвото, бидејќи како што велат, постојат случаи на сеча на приватни шуми на веќе починати сопственици, од наследници кои не приложуваат имотни листови, што е законска процедура, туку се провлекуваат со оставински документи и сл. Во официјалните документи покажуваат дека дозволи за сеча се добиени за вкупно 619 м/к, за приватни сопственици, сепак теренската активност, се чини дека далеку ги надминува овие бројки. Се поставува притоа прашањето, кое е и адресирано и до Антикуорупциска комисија, дали воопшто за стекнатата добивка од исеченото одгревно дрво, се плаќа данок на добивка во УЈП?!

Месната заедница на село Вишни, се залага пред ПШС ЈАБЛАНИЦА, издавател на дозволи и маркација на дрво, како и пред соселаните, да приложат барања за одобрение за сечење и до самата месна заедница во селото, со цел да се воспостави контрола и вкрстена евиденција за тоа како се користи шумскиот фонд.

Месната заедница на село Вишни, во изминативе години активно го адресира проблемот до сите надлежни институции како што се: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство; Министерство за животна средина и просторно планирање; ПШС ЈАБЛАНИЦА – Струга; Министерство за внатрешни работи (Погранична полиција Струга, Шумска Полиција – Струга); Државна комисија за спречување на корупција. Кон доста од овие барања, дописи, укажувања, повеќепати се настапувало заедно со претставници и на други месни заедници кои се соочуваат со истиот проблем. Тука се селата Горна Белица, Радолишта, Мали Влај, Радожда, Октиси, Лабуништа, Боровец, Јабланица и други. Сите заедно во неколку наврати како иницијатори и координативни тела, барале од надлежните и објаснување и реагирање по бројните барања. Иако од МВР се реагирало по поединечни пријави и се изречени доста казни за дрвокрадство, сепак недостигот од поголема контрола и построги механизми, изостанува.

Како што може да се види од записниците на неколкуте заеднички состаноци помеѓу претставници на месни заедници од регионот и претставници на надлежни институции, се бара меѓу другото да се воспостави МОРАТОРИУМ за сечење дрва на планината Јабланица додека не се воспостави план за управување кој нема да предизвикува неповратни штети по биодиверзитетот и самите жители. Сепак изостанува слух и интерес од институциите на системот да се фатат во сериозна спрега со криминалот што се случува низ македонските шуми.

Вишенци се борат и на останати фронтови. Долги години се чекаше на одлуката на Влада за изградба на регионалниот пат кој ќе ги поврзи Струга, Вишни, Горна Белица и О. Вевчани. Оваа година одлуката конечно се донесе, да се надеваме дека наскоро ќе се случи и реализацијата.

Планинскиот дом, со години попушта пред забот на времето, но институционалните лавиринти упорно не попуштаат. Сеуште Месната заедница се обидува да стекне право за управување со домот, и тој некогаш изграден со самопридонес. Еден импресивен објект, кој може да го зајакне планинскиот туристичкиот развој и да придонесе кон економска оддржливост на заедницата.
Не помал е предизвикот за справување со отпадот и дивите депонии на многу локации низ селото.

Уште во 2011, на национално ниво, беше покрената иницијатива за прогласување на Национален парк на планината Јабланица заедно со Република Албанија, при што се изготвени сите потребни документи, и од страна на Албанија е прогласен НАционалниот Парк ШЕБЕНИК на планината Јабланица, но за жал од македонска страна иницијативата е запрена, како што се сомневаат од М.З, од страна на Македонски Шуми.
Да се надеваме дека, кога ќе дојде денот на прогласување на Јабланица во национален парк, ќе остане нешто од нејзиното вредното природно богатство.

Дотогаш Вишенци, ќе продолжат да бараат начини да го заштитат својот крај, по искршените од товарни камиони патишта, слушајќи ги секојдневно пилите кои станаа прпознатлив звук за крајоликот, стравувајќи за изворите, за пожарите кои случајно излегле од контрола и се недостапни за гасење, за свлечиштата и голосеците.

Месна Заедница, с. Вишни, Струга

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.