23/04/2024
Македонија

Колев: Многу брзо заборавате вие од СДСМ

„Не беше одамна кога Македонија имаше една друга техничка влада, водена од премиерот Емил Димитриев, која беше изведена како плод од пржинските преговори за излегување од политичката криза и падот на режимот на Груевски. Оној истиот Груевски кој денеска од Будимпешта преку социјалните мрежи ни нуди „генијални“ решенија, но никако да се врати во татковината и да си ги одлежи оние скромни 30 месеци затвор.

Се сеќавате ли вие од СДСМ на г-дин Груевски и вашите најави за неговата идна судбина, основно затворска? Да ве потсетам ако сте заборавиле, а мислам дека сте, имаше затворски билети и за многу други функционери на ВМРО-ДПМНЕ, барем по вашите зборови и ветувања на митинзи. Но од денешна перспектива не можам да се сетам за ниту еден со ефективна затворска казна.

Туку не беше целта само да ве потсетам за г-дин Груевски, сакам да ве потсетам во контекстот на вашето барање за избори јуни или јули за владата на Емил Димитриев. Таа влада требаше да спроведе избори и да заврши со функционирање за месец до два, но нели имавме режим и изборите беа одложувани неколку пати.

Ако сте заборавиле да ве потсетам, требаше да има избори во април. „Не нема да има избори во април, бидејќи нема услови и има режим“, тоа беа вашите ставови. Потоа избори на есен?

„Не, нема да има избори на есен, Избирачкиот список е проблем и има режим“, тоа значи дека немаше услови и поради сето тоа стигнавме до избори дури во декември.

Да, согласен сум! Имаше режим и немаше услови и точно поради потребата од демократски и фер избори, процесот беше пролонгиран неколку пати.

Емил Димитриев си истера 1 и кусур година како премиер и тоа е факт. Тогаш немаше проблем ниту со рокови, ниту со Устав, ниту со закон, ниту со ништо, нели почитувани од СДСМ? Тогаш имаше режим и требаше да се сруши.

Бидејќи сите молчат мислам дека некој треба да ве потсети на овие факти од блиското наше минато, во контекст на вашето барање за избори во јуни или јули.

И да ви споделам нешто искрено дами и господа од СДСМ, не само што заборавате туку вие се стремите да станете уште пософистициран режим. Вие со вашите настојувања по време на светска пандемија да организирате избори не сте режим, вие сте хипер- режим, нешто кое не го памети ниту една држава на европскиот континент.

И сето тоа го правите само и единствено од режимски, тесно партиски и диктаторски нагони кои за модерните европски демократии е незамисливо.

Да го изложиш на опасност здравјето на сите македонски граѓани, да очекуваш поради страв да не излезат на гласање неопределените, да ја притискаш администрацијата, да делиш пакети прехрамбени и да правиш ПР од тоа, верувајте и Груевски ќе ви завиди.

Затоа почитувани од СДСМ, ние малкуте искрени демократи и граѓани кои веруваме во демократијата како човекова вредност и придобивка, не ни останува ништо друго освен да ги информираме европските институции за вашите режимски намери, па нека ни се чуди цела Европа кој е тој генијален ум кој што по време пандемија подготвува избори.

Вие почитувани од СДСМ не сте режим, вие сте хипер, ГМО режим, скриен зад превезот на европските и НАТО вредности.

На Македонија и се потребни фер и демократски избори, кои ќе се случат во едни нормални услови. На таквите избори граѓаните слободно и без страв ќе излезат и ќе гласаат. Искрено се надевам дека иако вие од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ брзо заборавате, нашите сограѓани паметат сѐ, од 1991 до денеска и веќе е дојдено времето кога треба да ви кренат црвен картон.“ – истакна претседателот на Граѓанско Демократската Унија – ГДУ, Петар Колев.