25/04/2024
Писма/Колумни

Колумна: Екстерно или екстремно!?

 Ќе има – ќе нема екстерно оценување сè уште е топ тема меѓу наставниците, родителите и учениците. Нормално, тие се најзасегнати по ова прашање.

 Во училиштата списоците пристигнаа со имиња на учениците и предметите по кои ќе бидат тестирани (списоците се менуваат неколку пати). И сè ова би звучело во ред ако над нашите глави не кружи еден темен облак преполн со прашања околу самиот тек на тестирањето, а и последиците од него.

 Еден разговор ме поттикна на овој напис. Група ученици меѓу себе  разговараа: „Сите коментираат дека не им е гајле за екстерното, ама кога денес ги добија распоредите, нозете им се стресоа!“

 Да ја разгледаме состојбата во која се наоѓаат сите ученици од IV одделение основно до III година средно образование, нивните родители и нивните професори.

1. Тест-само од зборот косата ви се дига на глава. Во училиштата владее тестоманија. По секоја тема–тест. Заборавете на усно изразување, одговор пред табла, пишување и решавање на таблата. Ама, тоа се бара според критериумите за следење и оценување на наставниците.

 По десет теста, пример англиски, на кои детето добило одредена оценка (пример пет), сега со еден тест може да му ја запечатите судбината (пример три). И како ќе се чувствува еден ученик од четврто одделение, кој за првпат добива свидетелство со сите одлични оценки ако има и две оценки три, а може и помала (психолошката страна е сосема заборавена).

2. Тестирање по два предмета: оценките ќе се напишат (објективни). Што со другите кои не се опфатени?! Повторно може да се „пумпаат“ оценки.

3. Дали целиот материјал според програмата е обработен? Што ако одредени теми не се поминати? Што ако на тестот има прашања од тие теми? Четири-пет прашања влијаат врз успехот.

4. Може ли еден тест со кликање објективно да го оцени знаењето на еден ученик. Се работи за материјал од цела година кој постојано се проверувал. Студентите полагаат испити колоквиумски, со семинарски, проектни…  а ќе се оценуваат ученици од 10 до 17 години со еден тест и тоа на цел материјал.

5. Од кое ниво ќе бидат таквите прашања: прво, второ, каде е применувањето?

6. Што ако на тестот, ученик, кој добил двојка од наставникот следен во текот на цела година со безброј инструменти, сега  добие четворка? Може да добие, нели?

 Ете, родителите ќе реагираат!

7. Некоја формула по која ќе се проверува колку наставниците се објективни во оценувањето!? Не е наставниот процес црно-бел свет, па ќе го поделиш? 

 Многу недоречености кои оставаат простор за загриженост и за преиспитување на одлуката за екстерно тестирање.

 Добро, имајте малку доверба! Спроведете го ПРОБНО! Организирајте се подобро, дозволете и наставниците и децата и родителите да видат како тоа ќе изгледа, како ќе тече, типот на прашања…

 А, компјутерите за секое дете ги заборавив! Ги има ли во сите училишта: од Липково до Богданци, од Боговиње до Пехчево, од Вевчани  до  Македонска Каменица.

 ДА, ЗА ПРОБНО ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ!

Читател на WebOhrid

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.