Колумна: Европа денес – Македонија сега!

 Повеќе од 20тина години ние Македонците ја живееме својата понова историја, независност, духовна и политичка самоопределба.

 Повеќе од 20тина години ја управувавме нашата непоколеблива мисија за пат кон Европа; нашата визија за патот до ѕвездите. Нашата цел да бидеме уште една ѕвезда на знамето на Европа затоа што и сонцето наше е ѕвезда која го заслужува европското небо.

 Повеќе од 20 години одговараме на потребните европски закони и прашалници и успеавме безмалку целосно да се прилагодиме на евробарањата и европостулатите. Се откажавме од многу национални белези за да бидеме „државно-европски ориентирани“, а во духот на мултикултурното живеење станавме пример и патоказ за другите околу нас.

 Токму затоа и ги дочекавме посакуваните статуси: бевме сведоци и потписници на Договорот за стабилизација и асоцијација, но и на статусот земја кандидат за зачленување во Европската Унија. Поради нашето континуирано напредување веќе неколку години со ред добиваме препораки за отпочнување на пристапните преговори за членство.

 Но, очигледно нешто ни недостасува како одговор на овие „европејско-демократски барања“. Велат, се си имате, многу сте умни и послушни, ама уште да не се викавте Македонија. Да, името. Името наше уставно било пречка во билатералните односи со јужниот сосед и од тие причини Европа не може да ја оствари својата консензуална демократија за наш прием во семејството.

 Бараат од нас да направиме историски и светски преседан: да се откажеме од уставното име и сами да си ги пресечеме корените, за „европејските демократи“ да имаат алиби пред иднината. Да речат: „ете, Македонците сами се одрекоа од милениумското име и не се веќе Македонци, ами Северномакедонци или Горномакедонци“. Тоа бил билетот за нашиот конечен влез во Европа. Во демократска Европа.

 Господа чинители и причинители на овој светски невиден спор, колку уште понизно треба да прифаќаме самосрамни откажувања? Колку пати треба да се одрекуваме од себеси за да постоиме безимени или со Ваше име крстени?! Колку ниско да се спуштиме, ние, искрените сонувачи на Европа? Колку вреди нашиот сон? Колку вреди сонот за еднаквост? Зарем мислите дека ние ја сонуваме Европска Македонија – без знаме, без јазик, без песна македонска? Зарем Европска Македонија – без Македонци? Конечно: зарем Демократска Европа – без Македонија?

 Европа, како Унија или Заедница постои само шеесетина години, а Македонија е старозаветна, древна земја која низ милениумите и вековите покрај сите бури и страдања, покрај сите ропства и премрежја, успеала да сочува две големи нешта: Името и Достоинството.

 Сè друго што ѝ недостига на демократијата на нашето општество, може да биде предмет на промена и прилагодување, но името и човековото достоинство, простете, немаат цена и не се за продавање.

 Доста ни е ова наметнато сонување. Доста е сонување. Време е да го живееме нашиот заслужен сон, нашиот праведен сон за Европска Република Македонија. За Македонија – истозрачна ѕвезда на европското небо, за Македонија сега, за Европа денес.

Пишува: Павел Донески

Авторот е апсолвент на Политички студии

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.