26/04/2024
Писма/Колумни

Колумна: Предизборна врева пред предизборен молк

Вреват сите. И врват. И едните и другите и десните и левите и либералите и лeвичарите и уличарите – сите врват и вреват, ама баш сите, па и оние доблесните – сите, дури и оние што не се со сите. Ме убиваат со децибелна и дебилна врева. Ми нудат во еден глас – спас за сè што досега не чинело, за сè што досега не врвело дека допрва ќе врви; она што не можело да се направи на први ќе било завршено до следниот први… И така, ден по ден, секој ден, од секаде, секакви ми го матат умот со нивните празни зборови и со нивните ненапишани дела; доаѓаат од сите страни, во моето маало, во мојот дом – среде ручек и семејна вечера ми нудат бесплатен ручек и бесплатен превоз до работното место, а работното место сè уште не ми го дале и него ми го нудат, небаре Ново од Лотарија на Македонија, небаре.

Овие денови сè е можно, сè се исполнува, пардон, сè се ветува дека ќе се исполни… Секој ден еве ми ги на праг, ко на врат – теренци, од советници, од градоначалници до пратеници, министри и бивши премиери: од врата, на врата и во врата – во мојата дневна, во мојата кујна и во мојата спална – ми го реметат мирот и сонот, за тие мирно да си сонуваат мандати еден и уште еден. Идат и заминуваат: ни јас знам кој сè дошол, ни тие знаат кај сè пошле и кај кого дошле. Ама си веруваат оти е добро да си врват од куќа на куќа и да вреват силно за да остават впечаток дека тие се токму оние за кои вреди да се гласа. Небаре ние сме  табула раса и ќе нè полни кој како стаса… Политичарот ти е невидена гнаса! Четири недели ќе ти лиже од твоите прсти, ќе ти се колне, ќе ти се крсти, ко ѓавол во ангелско лице, за да допре до твоето срце, а следните четири години… а следните четири години, ти си знаеш… си знаеш ти… кој ќе те онади*.

Еве го, преку други, преку трети, и кандидатот за градски татко: ми се јавува со порака да верувам во неговата врева, да се надевам на добро, само ако тој победи и, дека ми немало спас, ако сум го изневерел и сум заокружел за друг. Дека со мојот глас ќе победел уште во првиот круг… и дека ќе се видело кој навистина гласал, а кој не… Еве ги и пратениците и министрите и сегашните и бившите и бранителите и отпорашите и оние братучедите и оние нашите, сите запнале баш овој месец март да ми го направат мај, а јас уште смрзнат од сечко да не знам како ќе  издржам до утре… И кој уште ќе  ги истрпи до утре овие вревачи и празнозборци, овие отпораши и соборци, овие вревосоздавачи и мирорасипувачи, викачи и плукачи, ураносци и уагласци, овие волшебници и магионичари кои само што не ми ги исполниле сите мои желби. Дај им го гласот и сè ќе се случи, сè ќе се исполни.

Ама, аман веќе! Та не се саде овде, во живо. Ги има насекаде и во исто време: и во живо и на телевизија и на радио и во весници. Не можам на раат телевизор да вклучам – на сите канали пропагатори политички и платени политички програми; дебати, интервјуа, презентации, митинзи… од секаде нова врева, нова бучава… Ми иде да го фрлам и далечинското и да го распукам телевизорот, та да си отворам весник да си прочитам. Отворам – и таму стигнала и се раширила политичкава изборна епидемија: „Гласај за мене, не, гласај за мене… одбери го и заокружи го мојот број. Биди со нас: време е да избереш дела… избери дела, време е!!!“

Аман веќе и од желби и од посакувања, од секојдневни препукувања на левите со десните, на трчајлажите со молчипикајте, на газолизците со плачипичките, на розоносците со орлоликите, на лавокрвните со орлогласните. Ми бучи главата  од оваа врева во која само притисокот е тој што ми се крева. Ми бучат и ушите, ми го дупнаа тапанчето со  нивното камбанарно тропање и со нивното прегласно шепотење дека јас сум им најбитен, дека не е битно што сум олку ситен, дека се зависи од мене за нивно добро, а  штом ќе дојделе на власт… ќе ме (с)акале со уште поголема страст!

И бесрамно си идат и си одат, а јас капнат од добредојде и простум чекање, од климање и одобрување, од културно воздржување и трпение, заборавив  колку е саатот. Уште ми бучи оваа врева. Ми иде и јас да вриснам, ама против нивната врева… Преку глава веќе ми е од нивното вревење и ветување; од нивното долгогодишно лаење и лажење. Преку колено ми е, ми скурчи веќе и ќе попиздам, ако не викнам: ДОСТА ВРЕВА, ЗАМОЛКНЕТЕ! Остајте ми барем 24 часа да размислам на раат: кои бевте вие и кои сакате да бидете, какви сте и за какви се прикажувате; колку сте кадарни и колку можете да исполните!? Остајте ми барем 24 часа без вашиот грлат вик и повик.

Јас сакам да ве видам – без да зборувате, без да ми се умилкувате, без да ми ги лижете прстите за гласање. Да ве погледам во очи и да пронајдам барем една, единствена причина за да ви поверувам! За сето лаење и лажење да ви возвратам со само еден глас и еден мал круг околу бројчето над или под вас… Ништо нема да  значи вашиот лажен повик и празно ветување за мојот глас. Мојот глас ќе биде посилен од сите вас. Моjот глас ЗА или ПРОТИВ вас… е мојот спас! Време е – дојде час! Остајте ми само уште 24 часа да ја осетите мојата доверба!

Изборот ќе биде мој: RES, NON VERBA!

DimDonДим Дон, во името на обичниот граѓанин од охридската околија

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.