28/03/2024
Писма/Колумни

Колумна: Во пресрет на Светскиот Ден на животната средина

Да се пишува за животната средина, ајде ќе ја наречеме екологијата како општоприфатен термин, за борбата на помалите против титаните, да се даваат пораки до генерациите за заштита на истата, некако е веќе надмината фаза во еколошките движења. Паралелно на тоа, да се жали за опустошената природа, за бетонизацијата на зеленото, за недостигот на еколошката свест веќе станува празен и истоштенглас. Денес е време само за активности, време за битки без компромиси и време за воспоставување вистински вредности и принципи.

Екологијата (заштитата на животната средина) денес не смее да биде само парола. Екологијата треба да биде систем на однесување, свест за живеење. Екологијата е начин на зборување, комуницирање, менаџирање, па и опстојување. Екологија е културата, духот и немирот. Екологијата е начин на управување со ресурси, со системи, со градови и држави.

Денес е еколошки ако знаете да дојдете до успех, до реализација на идеите и плановите. Еколошки е да знаете да одберете тим на квалитетни луѓе кои ќе носат вистински одлуки. Затоа што екологијата е во секоја гранка на живеењето. Таа постои и во процесот на урбанизацијата на средината, во градењето на патиштата до домот, а ете ја постои и во процесот на комуналните дејности. Екологија е и образованието, спортот, а сигурно дека екологијата е и туризмот. Екологијата е тема на надворешната политика и на економијата.

Денес е еколошки ако се движите, ако возите велосипед и ако спортувате. Екологија е и ако помагате некому, ако споделите нешто убаво, ако се насмеете и ако бидете позитивни. Екологија е да направите, создадете, а не да срушите нешто.

И чудно е како успеваме, кога се околу нас е екологија, да бидеме толку негативни, штетни, немарни, неуки, не еколошки? Како успеваме да уништуваме парк, ливада, дрво, езеро, води? Како успеваме да фрлиме смет насекаде, да се изживуваме врз животните, врз послабите? Како успеваме да наметнеме нечистотија, војна, загадување ?

Е па ете, победници во еколошката војна засега нема. Има поединечни добиени битки, поеднечни моемнти на спас, поединечни проекти и мерки. Но, екологијата е сеуште назад на нашата овдешна агенда. Последна е. Се додека не дојде оној миг кога ќе сфатиме дека немаме веќе за што да се бориме, дека ја нема веќе прекрасната сина вода, ја нема прекрасната зелена шума, ги нема парковите, го нема воздухот, ја нема светлината. Тогаш ќе сфатиме можеби дека приказната на постоењето не беше всушност приказна за профит, тука за заштита на постојните вредности и надежи.

Додека има надеж нека се шири приказната за еколошкиот дух, за еколошката состојба и потреба, приказната за еколошките вредности. Приказната за спас на малото парче земја под нас, за спас на малкуте капки вода и за спас на секој еден здив. Овој ден создаден токму за ваква приказна, но таков треба да е и секој нареден ден.

Затоа што Екологијата е пред се… љубов. И како што Апостол Павле кажал: „Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам – тогаш сум бронза што ѕвони, или кимвал што ѕвечи. И ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместува и планини, а љубов немам – ништо не сум.“

Мој мал придонес кон еколошката свест

Дејан Пановски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.