Концерт на Здружението на џез музичари на Македонија – Колектив со гудачи премиерно на Охридско лето

Во рамките на музичката програма на „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи концерт на Здружението на џез музичари на Македонија – Колектив со гудачи.

Концертот ЗЏМ Колектив & Strings премиерно ќе биде изведен на сцената на Долни Сарај со почеток од 21 часот.

На програмата се дела од македонските композитори и изведувачи кои се членови на оркестарот на ЗЏМ. Звукот на оркестарот составен од 23 врвни македонски музички уметници ќе ја потврди посветеноста на ЗЏМ при креирањето и создавањето нови музички дела кои се вистинска рефлексија на македонските џез текови.

Здружението на џез музичари и слободни уметници е основано во 2016 година со единствена цел да ги обедини џез музичарите од земјата и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа. Во здружението членуваат дел од најреномираните џез музичари од Македонија, студенти и професори на џез академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници, љубители и помагатели на тој вид уметност. Здружението работи на подобрување на музичката продукција, се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, за афирмирање и негување на џез културата во Македонија.