29/03/2024
Македонија

Конференција за Важноста за рано инвестирање: Зајакнување на раниот детски развој во земјите од Западен Балкан

На Конференцијата на тема, Важноста за рано инвестирање: Зајакнување на раниот детски развој во земјите од Западен Балкан, којашто е организирана од Светска банка и поддржана од Владата на Република Македонија, се обратија претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерките за образование Рената Дескоска и за труд и социјална политика, Мила Царовска, како и високите претставници на Светска Банка, Линда ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан и Хаиме Саведра, сениор директор за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка,.

Генералната порака со којашто се согласни сите е дека е од големо значење еднаквиот пристап кон сите деца, обезбедувањето еднакви можности за сите деца и вклучување на сите деца во воспитно – образовниот процес, затоа што практиките покажуваат поврзаност на подобри социо-економските состојби во една држава со стапката на опфатени деца во предучилишното воспитание и образование.

Премиерот Заев рече дека постои свесност кај Владата на Република Македонија колку е важен раниот детски развој, во формирањето на личноста. Тој нагласи дека прават да се постави систем на социјална заштита на граѓаните што ќе им овозможи на граѓаните и на семејствата егзистенцијален мир, којшто понатаму влијае и на квалитетот на живот, а со тоа и на квалитетот на развој на личноста. Исто така, се работи и на зголемување на опфатот на деца во градинките за 50 проценти и проширувања на капацитетите посебно во сиромашните и рурални делови на земјата со цел обезбедување бесплатни три часа дневно образование во согласност со универзалните цели на ЕУ.Во 2017 се почнати 13 проширувања на градинки надвор од Скопје. За 2018 година се планираат уште 18 нови проширувања на градинки.Претседателот на Владата порача: ,,Има нешта кои можат да чекаат. Но децата не можат. Потребна е одговорност кон нив – денес”, рече премиерот Заев.Претседателот на Владата, Заев и министерките во Владата се заблагодарија на Светска Банка и на УНИЦЕФ за помошта и поддршката за проширувањата на градинките и за изградбата нови објекти во земјава но и одржливи решенија за квалитетен ран детски развој.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ја нагласи улогата на семејството во квалитетот на развој на личноста, но рече дека децата мора добро да се подготват за животот што следува, а за тоа се важни и институциите.

,,Работиме на квалитетен ран детски развој. Ги менуваме состојбите. Затекнавме запуштен систем на образованите, запуштена грижа за децата. 11 години не се градеа градинки. Вложуваме во градинките, работиме на поголем опфат на деца и на квалитетот на воспитно – образовниот процес”, рече министерката Царовска.Регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, обрна внимание на значењето на што поголема инклузија на ранливите деца, што има понатаму улога и во нивниот развој и во намалувањето на сиромаштијата и повика на конкретни стратегии во државите, согласно универзалните цели во државите. Потребни се мерки за рано детско образование, дополни директорката ван Гелдер.

Сениор директорот за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка, Саведра, нагласи дека децата не можат да чекаат и дека е важно сите да добијат фер можности. Освен квантитетот тој посочи и на важноста од квалитетот на наставата во градинките и училиштата и додаде дека јавните политики за детски развој се ургентна потреба и одговорност на сите.