23/04/2024
Македонија

Конкурс за доделување на наградата „Гоце Делчев” во 2018 година

ОДБОРОТ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ”
распишува

К О Н К У Р С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ” ВО 2018 ГОДИНА

Со наградата “Гоце Делчев” се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Република Македонија.

Наградата во 2018 година се доделува за научна книга или дело објавено во 2017 година.

Наградата под услови определени со Законoт за државните награди (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/2006, 54/07 и 74/12) и со овој конкурс се доделува на поединци или на група автори од земјата или од странство.

Право на конкурирање имаат дела од еден автор или група автори што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани.За датумот на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП).

Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги.

Поединец или група автори може да биде добитник на награда во истата област само еднаш.

Член од група автори може како поединец да биде добитник на наградата за друга книга или дело во истата област.

Предлози за доделување на наградата можат да поднесат: Македонската академија на науките и уметностите, универзитетите, научните установи, истражувачко – развојните единици во стопанството, научни и стручни здруженија, други здруженија на граѓани и граѓани.

Предлогот за доделување на наградата треба да биде образложен и да содржи: лични податоци за авторите, адреса на живеење, библиографски податоци и кратко образложение за значењето на остварувањето кое се предлага за наградата.

Предлозите за научна книга или дело објавени на други јазици треба да содржат кратко резиме на македонски јазик до 3 страни и содржина на македонски јазик до 5 страни .

Предлогот за доделување на наградата треба да биде приложен во 22 примероци. Кон предлогот треба да бидат приложени најмалку 3 оригинални примероци од научната книга односно дело, а останатите 10 во хартиена копија.

Предлозите за доделување на наградата треба бидат поднесени од 01.01. 2018 до 15. 02. 2018 година на адреса :

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА
Одбор за доделување на наградата “Гоце Делчев”
1000 Скопје,“Kирил и Методиј” бр. 54

Некомплетните предлози и предлозите кои не се доставени во определениот рок нема да бидат разгледувани.