29/03/2024
Спорт

Конкурс за инфраструктурна поддршка на спортските клубови

Врз основа на Статутот на ЈП „Билјанини Извори“, а по одлука на УО на ЈП „Билјанини Извори“ број 02-142/3 од ден 08.02.2018 година за поддршка на предложениот проект, Инфраструктурна поддршка на младите и талентирани спортисти на територија на Општина Охрид, предложен од страна на ВД Директорката на ЈП „Билјанини Извори“, Гордана Јованоска, ЈП „Билјанини Извори“ објавува конкурс на кој право на учество имаат сите спортски клубови од индивидуалните спортови кои се на територија на Општина Охрид.

ЈП „Билјанини Извори“ во минатите неколку месеци ја согледа потребата за поддршка на спортските клубови во делот на користењето на инфраструктурата, а се со цел да им се овозможат подобри тренажни услови на најмладите и најталентираните спортисти.

„Поддршката која сакаме да ја овозможиме со овој конкурс е бесплатно користење на спортската инфраструктура (два термини неделно) која ја поседува СРЦ „Билјанини Извори“ и тоа во текот на целата календарска година. Термините дополнително ќе се договорат заедно со избраните корисници од овој конкурс. Со јавниот повик за учество на конкурсот ЈП „Билјанини Извори“ вложува во иднината на сегашните и идни генерации на спортисти и сака да постане активен поддржувач и пријател на спортските клубови. Убедени сме дека во иднина соработката уште повеќе ќе се интензивира на задоволство пред се на спортистите.“ – известуваат од ЈП „Билјнини Извори“.

Конкурсот е наменет за сите талентирани деца членови на клубовите на возраст до 16 години (заклучно со последниот ден на конкурсот) кои имаат остварено забележителни резултати и успеси на националните и меѓународните првенства и натпревари.

Конкурсот ќе трае 5 работни денови почнувајќи од понеделник 12.02.2018 така што последниот ден за аплицирање е петок 16.02.2018 до 15:00 часот.

Сите клубови кои сакаат да аплицираат и учествуваат на конкурсот треба да достават официјален предлог со приложено портфолио на кандидатот/тите, потпишан и заверен од страна на клубот и да го достават во горенаведениот рок во дирекцијата на ЈП „Билјанини Извори“, Спортска сала „Билјанини Извори“.