25/04/2024
Дебрца

Координативното тело на општина Дебрца со детали околу протестот против изградба на регионална депонија во Дебрца

Координативното тело на општина Дебрца, формирано од претставници на сите месни заедници на општината, со цел спречување на реализација на проектот за изградба на регионална депонија за Југозападниот регион на Македонија, во општина Дебрца односно во атарот на село Годивје, по повод претстојниот протест кој е закажан за 22. Април 2018 година во атарот на село Ботун, денеска во с. Белчишта, одржапрес-конферениција. На прес-конференцијата, во име на Координативното тело се обрати д-р Јадранка Бибан.

„Протестот ќе започне со истовремено ѕвонење на сите камбани во Дебрца во траење од 15 минути, односно од 11:00 до 11:15 часот, со што симболично ќе биде најавен почетокот на еко-револуцијата. Во периодот од 11:55 до 13:55 часот предвидена е протестна блокада на магистралниот пат Кичево-Охрид во двата правци. За време на блокадата на магистралниот пат, на насобраниот народ и на сите граѓани на РМ и се разбира на Владата и сите надлежни институции ќе им бидат презентирани непобитни факти за неопходноста од стопирање на проектот Изградба на регионална депонија во општина Дебрца“.– изјави д-р Јадранка Бибан.

Целта на овој протест е уште еднаш да се чуе гласот на населението, против Одлуката да се гради регионална депонија во општина Дебрца, што впрочем беше и покажано со референдумот (кој се одржа минатата година заедно со локалните избори во Македонија) на кој 87% од населението на Дебрца гласаше против изградба на таков објект во општината.

„Со оглед на фактот што Министерството за животна средина и просторно планирање упорно ја турка изготвената студија во реализација, игнорирајќи ги резултатите од референдумот и игнорирајќи ги сите наши наведени аргументи кои целосно ја побиваат вистинитоста и издржаноста на таквата студија, ние одлучивме дека е потребно и на ваков начин да ја запознаеме целата македонска јавност со штетноста од реализација на овој проект изработен од грчката фирма ЕНВИРОПЛАН во соработка со нашето Министерство за екологија. Прво, непобитните аргументи за еколошката катастрофа која би следела како последица од изградба на таков објект во Дебрца, на целиот охридски регион и Охридското Езеро, кое патем е под целосна заштита на УНЕСКО. Второ, аргументите за седум вредни археолошки наоѓалишта кои се откриени на местото на предвидената депонија и во нејзина најблиска околина. Трето, аргументите за можност од целосно деструирање на еколошката рамнотежа на Дебрца и протерувањето на земјоделското население од оваа област кое неминовно би следело потоа. Четврто, аргументите за значењето на Дебрца за илинденската историја и историјата од НОБ и уште многу други аргументи посочени од наша страна, не можат да бидат игнорирани и погазени од власта која самите ние ја избираме.“ – истакна Бибан.

Тие се одлучни дека во Дебрца нема да дозволат изградба на регионална депонија и против реализацијата на таквиот проект како што велат ќе се борат со силата на фактите, но и со се што е во нивна моќ, да и обезбедат на општината здрав развиток согласно социјалната определба, согласно историското минато, согласно фактот дека Дебрца е област која конечно заслужува многу повеќе.

Од Координативното тело ги повикуваат сите политички партии, политичари, пратеници, граѓански здруженија, МПЦ, истакнати јавни личности, градоначалникот на Охрид, охридските советници, охриѓани, како и сите граѓани на Македонија да го поддржат овој протест и да го слушнат гласот на народот дека Дебрца никогаш нема да падне.

WebOhrid