29/03/2024
Македонија

Координативното тело за посетата на Папата Франциск на нашата земја се заблагодарува на сите граѓани

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на својата завршна седница оцени дека посетата беше спроведена според сите предвидени највисоки стандарди и процедури за пречек на највисоки гости од посебно значење за Република Северна Македонија.

За потврда на оваа констатација се зема и честитката од Службата за протокол на Ватикан која посетата на Папата Франциск на нашата земја ја оцени како една од подобро организираните согласно нивните искуства.

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск им изразува голема благодарност на сите вклучени страни што го дадоа својот придонес за да се оствари посетата на високиот гостин соодветно на највисоките очекувања за организација на вакви настани.

Особена благодарност им се упатува на граѓаните на Република Северна Македонија, посебно на граѓаните на Скопје и на Општина Центар кои покажаа огромно разбирање, трпеливост и соработка со задолжените институции за организација на посетата на Папата Франциск.

Благодарност заслужуваат и бројните верници и гости од земјите од регионот и пошироко кои ги почитуваа насоките и го дадоа и својот придонес за достојна организација на настанот.

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск упатува благодарност за соработката до Канцеларијата на Претседателот на државата и до Канцеларијата на Претседателот на Владата за придонесот и поддршката.

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск ја истакнува исклучителната соработка со Католичката Црква во нашата земја, како и комуникацијата и заедничките активности со одговорните во Спомен куќата „Мајка Тереза“.

Посебна благодарност се упатува на адресата на Министерството за внатрешни работи, на Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање, сообраќајната полиција и сите останати припадници на МВР за нивното професионално исполнување на безбедносните мерки за посетата на високиот гостин, како и за обезбедувањето оптимални услови за движење на граѓаните за остварување на нивните приватни и работни обврски.

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск изразува голема благодарност за вклучувањето и придонесот на Службата за општи и заеднички работи за максималната заложба сите организациски и логистички потреби да бидат професионално и одговорно спроведени., како и на Генералниот секретаријат на Владата на РСМ.

Голема благодарност и признанија се упатуваат до Министерството за надворешни работи како домаќин на Координативното тело и како институција задолжена за високиот протокол за време на посетата на Папата Франциск.

Голема благодарност, Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск упатува до Секторот за односи за јавност во Владата на РСМ кои ги ставија на располагање сите капацитети во делот на информирањето на јавноста за активностите од програмата на апостолската посета на Папата Франциск, за промотивната кампања, за навременото споделување на сервисните информации, како и за делот на раководење со Медија центарот и организацијата и протоколот на акредитираните новинари.

На исклучително високо рамниште на исполнување на задачите беше и Министерството за здравство и сите вклучени јавни здравствени установи кои ги заслужуваат сите признанија за посебните мерки што беа преземени граѓаните навремено и непречено да ги добијат неопходните здравствени услуги и интервенции.

Во реализацијата на комплексната организација од големо значење беше и вклучувањето на Министерството за одбрана кое во потребниот период насочи дел од кадровските капацитети во безбедносната логистика. Од посебно значење беше отстапувањето на Домот на Армијата за потребите на Медија центарот за посетата на Папата Франциск во кој беа опслужени околу 500 медиумски претставници и оператори од земјата и од странство.

Признанија и благодарност се упатуваат и на адресата на Министерството за финансии за поддршката навремено да се извршат сите планирани трансфери на финансиските средства предвидени за посетата.

Благодарност им се упатува и на раководствата, на јавните претпријатија во состав и на администрациите на Град Скопје и на Општина Центар за максималната мобилизација во рамките на нивните надлежности како важен дел од целата организација.

Во делот на своите обврски за координација со сите верски заедници вклучени во средбите на Папата Франциск со верските лидери, признанија и благодарност заслужува и Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.

Признанија и благодарност заслужуваат и Националната радиотелевизија за целодневното медиумско покривање на настанот со пренос во живо и со отворената програма од студијата на јавниот радиодифузен сервис.

Огромна благодарност им се оддава и на сите останати медиумски куќи и акредитирани новинари кои го дадоа својот професионален придонес за соодветно информирање на јавноста во Северна Македонија и во светот.