29/03/2024
Македонија

Кривична пријава за двајца вработени во Агенцијата за вработување

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Н.М.(48) од Скопје и В.З.(60) од Скопје, двајцата вработени во Агенција за вработување, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353-а став 1 од Кривичниот законик.

Пријавените, во периодот од 20.11.2020 до 22.01.2021, спротивно на член 13 став 1 точка 1,2,3,и 4 од Законот за вработување и работа на странци, изготвиле и издале 14 образци за пријава на работа на странци на територијата на Република Северна Македонија на правно лице со што всушност легализирале нелегален престој и работа на вкупно 87 лица странски државјани, без да добијат дозвола за легален привремен престој заради работа на странец и без да засноваат легален работен однос според законската регулатива согласно Законот за работните односи.

На тој начин му овозможиле на правното лице да избегне плаќање на давачки кон државата по основ на персонален данок на доход и плаќање на давачки за придонеси по основ на задолжително социјално осигурување во износ од 593.056 денари, за која сума правното лице прибавило противправна имотна корист и воедно за истиот износ пријавените предизвикале штета на буџетите на Фондовите на Република Северна Македонија.