29/03/2024
Охрид

Кривична пријава за охриѓанец поради измама при увоз и прва регистрација на возило

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „измама при добивање кредит или друга погодност“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против О.Ј.(44) Охрид.

Пријавениот со намера да искористи поволност за увоз и прва регистрација на возило која ја имаат државјаните на Република Македонија, на 13 јануари минатата година, до АМД технички преглед на возила ДОО Охрид, доставил барање за издавање на согласност за регистрација и постапка за идентификација во кое внесол невистинити податоци.

Пријавениот, прикажал дека е сопственик на патнички автомобил иако според швајцарската сообраќајна дозвола издадена од швајцарски кантон, сопственик на возилото бил А.А. од кичевското село Србица. Воедно, сега пријавениот приложил и лажен странски договор за купопродажба за наведеното возило, кој наводно го склучил на 20 јануари 2016 година со сопственикот на возилото, кој пак, според проверките извршени преку Интерпол ја оспорува веродостојноста на таквиот документ. Врз основа на доставеното барање, АМД технички преглед на возила ДОО Охрид, на сега пријавениот му издало согласност за регистрација на возилото, по што, тој, пред да биде завршена постапката за издавање на прва регистрација со договор за купопродажба му го продал автомобилот на Р.С. од кичевското село Трапчин Дол.