23/04/2024
Македонија

Кривична пријава за скопјанец кој се обидел да изврши разбојништво во две менувачници во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против лицето Б.Н. (45) од Скопје, поради основи на сомнение дека извршил две кривични дела – “разбојништво во обид“ предвидено и казниво по член 237 вв.19 од КЗ на Р.Македонија.

Првото од двете дела извршени во текот на минатата недела, пријавениот го извршил на 02-ри овој месец, околу 13,35 часот, на ул. Московска, на подрачјето на општина Карпош, во менувачницата “Сиба Комерц“. Имено, откако тој влегол во менувачница и на вработената, која се наоѓала позади пултот, и се претставил дека е службено лице од Управата за јавни приходи, и наредил веднаш да ја отвори вратата која води кон канцеларијата на вработените со цел да влезе внатре. Вработената ја одбила наредбата и побарала од Б.Н. да се легитимира, по што тој изреволтиран излегол надвор. Но по кратко време повторно се вратил во менувачницата, носејќи со себе камен со кој започнал да го крши заштитното стакло од пултот, со цел да влезе во канцеларијата и да ги одземе паричните средства кои претпоставил дека се наоѓаат таму. Од силните удари, заштитното стакло пукнало, по што вработената, исплашена за себе и својот живот, го вклучила безбедносниот аларм, а Б.Н. се откажал во својата намера, излегол од менувачницата и се упатил во непознат правец.

Второто кривично дело го извршил после четири дена, односно на 07-ми овој месец, околу 13,30 часот, на бул.“Партизански Одреди“, на подрачјето на општина Центар, во менувачница “Линда“. Овојпат тој влегол во менувачницата, пристапил кон работниот пулт, по што извадил пиштол и го вперил кон оштетениот кој се наоѓал позади заштитното стакло на пултот и му наредил да му ги даде парите. Вработениот одбил да ја послуша наредбата, по што пријавениот го репетирал пиштолот и со цевката од истиот тропнал на заштитното стакло, со цел да биде поубедлив во својата намера. Во тој момент оштетениот, пред менувачницата забележал полициски службеници од ЕПОИ Алфа, почнал да вика и да бара помош, по што пријавениот го ставил пиштолот во внатрешноста од својата јакна и со забрзан чекор излегол од менувачницата, со цел да побегне. Во тој момент полициските службеници му наредиле на Б.Н. да застане, му извршиле преглед при што кај него пронашле еден пластичен пиштол.

Б.Н. е лишен од слобода и приведен во ПС ОН Центар, каде што е извршен разговор во кој детално ги појаснил кривичните дела. Истиот ден, во просториите на ПС ОН Центар, од страна на оштетените извршено е препознавање во присуство на ЈО од ОЈО Скопје, во кое препознавање со целосна сигурност е потврдено дека пријавениот е сторителот на наведените кривични дела.