16/04/2024
Македонија

Кривична за лицата што демолираа казина во Струмица

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против лицата: А.В (49) и Д.Г (34), двајцата од с.Василево, струмичко, како и против В.Ѓ( 25) од с.Баница, струмичко, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело “оштетување на туѓи предмети“ предвидено во член 243 став 2 од КЗ на РМ. Истовремено првопријавениот А.В. се сомничи и за сторено кривично дело – “ поттикнување“ предвидено во член 23 став 1 од КЗ на РМ.

Имено, на 21-ви овој месец околу 18.00 часот, во СВР Струмица, по телефон беше пријавено дека во казино “Сенатор“ во Струмица од страна на А.В., извршено е оштетување на поголем број апарати (слот машини) како и на две рулет машини.

Веднаш по ова од страна на СВР-Струмица, а по овластување на надлежен Јавниот обвинител, формирана е увидна екипа и извршен е увид на лице место, по што било констатирано дека пријавениот истиот ден бил во казиното „Сенатор“ во временскиот период од 10.30 до 17.30 часот а околу 17.30 часот го напуштил казиното но, по петнаесетина минути се вратил во казиното „Сенатор“, со алат (копач) во рацете и за период од неколку минути, со удари со копачот, оштетил вкупно 44 апарати слот машини, и два рулети, напуштајќи го лице местото и правејќи вкупна материјална штета од 2. 590. 368 денари.

Набргу А.В. е пронајден, лишен од слобода и задржан во просториите на СВР Струмица. Во меѓувреме, документиран е континуитетот на извршувањето на кривичното дело од страна на А.В. којшто на 21.03. од страна на вработени во казино „Адмирал“ во Струмица, бил пријавен за сторено кривично дело “оштетување на туѓи предмети“.

Покрај ова, на 27-ми овој месец А.В. околу 07,00 часот, во казино во Струмица, се сретнал со Д.Г. и В.Ѓ притоа поттикнувајќи ги да извршат кривично дело “оштетување на туѓу предмети“. Имено, второпријавениот, Д.Г. поттикнат од А.В. заминал во станот во кој живеел и зел метална тесла со дрвена рачка и заедно со трето пријавениот В.Ѓ. околу 09.35 часот, влегле во казино “Слот“ во Струмица, по што заедно, Д.Г. со метална тесла а Д.Ѓ со камен извршиле оштетување на вкупно 20 апарати (машини), со што направиле вкупна материјална штета од 1.268.185 денари .