20/04/2024
Македонија

Кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување

Секторот за внатрешни работи Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, во два одвоени случаи поднесе кривични пријави против лицата: И.А. (45), М.П. (51), Д.Т. (66) сите од Кавадарци, Д.К. (49), Љ.Г. (62) и В.Т. (46) сите од Скопје, како и С.С. (47) од село Мрежичко а поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, причинувајќи материјална штета на буџетот на РМ и на буџетот на ЈП “комуналец“ од Кавадарци од вкупно 3.402.861 денари

Имено, во првиот случај кривично пријавени се И.А., М.П., Д.К., Д.Т., и Љ.Г., Според документираните сознанија, во текот на 2013 година, првопријавениот И.А., како директор на Јавното претпријатие „Комуналец” од Кавадарци, и второпријавениот М.П. како раководител на „Водовод и канализација” при Јавното претпријатие „Комуналец” Кавадарци, при реконструкција на водоводната мрежа во Кавадарци, која по претходно добиен тендер требало да ја вршат фирмите „ЦМЦ” ДОО од Скопје и и подизведувачот “Градба Промет” од Кавадарци, издале наредба – во изведувањето на работите – да се вклучи и Јавното претпријатие „Комуналец” Кавадарци. И покрај тоа што целокупната работа на дел од трасата ја изработило ЈП „Комуналец”, тие ја прифатиле завршната ситуација од фирмата од Скопје, според која таа ја извела целокупната работа, по што ја исплатиле целата сума за извршената реконструкција. Третопријавениот Д.К., како управител на „ЦМЦ” ДОО Скопје, и четвртопријавениот Д.Т., како управител на „Градба Промет” од Кавадарци, и покрај тоа што знаеле дека дел од трасата ја изработило ЈП “Комуналец”, изготвиле завршна ситуација во која навеле дека тие ги извеле сите работи по целата должина на трасата. Петопријавениот Љ.Г., како управител на фирмата „Хидроградежен инженеринг” ДОО Скопје, која била ангажирана за надзор на изведените работни активности, потврдил дека работните активности биле изведени во целост, од фирмите изведувачи. На овој начин, пријавените предизвикале материјална штета на ЈП „Комуналец” од Кавадарци и Буџетот на Република Македонија од 1.876.926 денари.

Во вториот случај, кривичнопријавени се И.А., М.П., С.С. и В.Т. Во текот на 2015 година, пријавениот И.А. како директор на ЈП „Комуналец” од Кавадарци и М.П. како раководител на „Водовод и канализација” при ЈП „Комуналец” Кавадарци, и покрај тоа што знаеле дека при реализација на проектот за реконструкција на Ваташката водоводна линија од страна на фирмата-изведувач „Трасер” биле изведени работни активности во помал обем од предвидените. Односно и во овој случај идентично на претходниот дел од работните активности биле изведени од страна на ЈП „Комуналец. Притоа. повторно, била прифатена завршната ситуација од изведувачот според која наводно та фирма ги извел целокупните работни активности, по што ја исплатиле целата сума за извршената реконструкција. Третопријавениот С.С., како управител на фирмата „Трасер”, и покрај тоа што знаел дека дел од работните активности ги извел ЈП „Комуналец”, изготвил завршна ситуација во која навел дека неговата фирма ги извела сите работни активности, по што ја доставил за наплата до ЈП. Четвртопријавената В.Т., како управител на фирмата „Викас” ДООЕЛ Скопје, која била ангажирана за надзор на изведените работни активности потвдила дека работните активности биле изведени во целост од фирмата изведувач. На овој начин, пријавените предизвикале материјална штета на ЈП „Комуналец” од Кавадарци и Буџетот на Република Македонија од 1.525.935 денари.