17/04/2024
Македонија

Културна понуда за сечиј вкус во Ресен

Со музичкиот настан „13 песни за 13 величенствени“ и отворањето на ликовната изложба со делата од ликовните уметници од Преспа, завршуваат културните настани во организација на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, кои во текот на месец септември се одржуваат воочи големата манифестација „Преспански јаболкобер“. Организаторот е задоволен од понудената културна програма, која преку својата понуда ги задоволи вкусовите на ресенската публика, со содржини од секаков вид.

„На промоцијата на книгата „Ноемвриски крстосници“ на авторката Сања Мучкаева-Видановска во изложбениот салон на ресенскиот Сарај, публиката имаше можност да се запознае лично со авторката и мотивот за создавање на овој роман. Промоторот Емилија Сарафска ја претстави авторката и нејзините дела, читајќи извадоци од романот заедно со Наташа Антевска Вељановска. На радост на помладата публика, се одржа и големиот поп-рок концерт на учениците од Школата за пијано, заедно со членовите на групата „Инстинкт“ и групата „Акустик бенд“. Тие изведоа поранешни поп и рок хитови од групите Леб и сол, Парни ваљак, ЕКВ итн… со бис и аплауз, публиката во дворот на ресенскиот Сарај уживаше во понудениот музички избор. Ако овој концерт се одржа на радост на помладата публика, уште вечерва продолжуваме со музика за повозрасната генерација, потсетувајќи се на легендарната староградска група „Распеани Ресенчани“. Во нивна чест и во чест на 13-те членови на оваа група, ќе биде одржана староградска седенка, на кои повеќе изведувачи ќе настапат со песни испеани од „Распеани Ресенчани“, посочи директорот Васко Василевски.

На Крстовден, официјално започнува бербата на јаболка во Преспанскиот крај, а воочи Преспанскиот јаболкобер, Домот на културата „Драги Тозија“ во текот на месец септември се јавува како организатор на голем број културни настани од сите области.