25/04/2024
Македонија

Легализмот не може да биде половичен

“Легализмот не може да биде половичен, ниту пак остварлив доколку не ги содржи сите потребни инструменти или механизми кои што ќе водат до целосна правна сатисфакција. Истовремено, легализмот – како вредносен принцип на општественото поведение и функционирање – не ќе биде воопшто возможен доколку изостанува волја, јасна, недвосмислено изразена, од сите оние задолжени за спроведување на законите“.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето воведно обраќање на конференцијата посветена на “Конфискација на имот и нелегално стекната имотна корист“ што во рамки на проектот “Мрежа 23“ а во организација на Институтот за европска политика се одржа денес во Скопје. 

Министерот Спасовски во својот настан нагласи дека – “Конфискација на имот и нелегално стекната имотна корист“, практично претставува едно од есенцијалните правни начела во реално и објективно спроведување на законите, врз основа на кое што можеме да дадеме точна оценка до каде, како и колку сме направиле или сакаме да направиме во граѓаниски консензуалното тежнение за целосно спроведување на владеењето на правото – како фундамент на сеопштиот индивидуален и колективен просперитет.

“Сосема отворено, треба да си кажеме дека многу повеќе од субјективни отколку  од објективни причини, во сите изминати години независно егзистирање на нашата држава, првенствено политиката успеа да креира состојба на правно-политичка, институционална “заробеност“ на правдата и правото, наспроти природните и нужни интереси на граѓаните на Република Македонија. Притоа доведувајќи не сега во позиција во која што постои само еден избор – конечно воспоставување на владеењето на правото, без никакви импровизации, без полурешенија, без компромиси“, потенцираше, меѓудругото првиот човек на македонсаката полиција.
Покрај ова, министерот Спасовски презентирајќи ги приоритетите во делот на финансиските истраги по однос на нелегално стекнатиот имот, истовремено нотираше неколку клучни и досега превземени активности од МВР во тој правец. 

“Како што е познато со реформскиот план на Владата на РМ, познат како “3-6-9“, во делот на борбата против организираниот криминал ние влеговме во еден циклус на фундирање на низа неопходни инструменти што ќе ја зголемат ефикасноста и функционалноста на институциите задолжени за спроведување на законите, во прв ред на Министерството за внатрешни работи, финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинските служби, судовите. Во тој поглед, мора да го посочам поставувањето на основите за отпочнување со работа на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал. Меѓуинституционално тело кое што примарно има за цел не само да ја олесни и интензивира размената на информации и податоци на инволвираните инстанци, туку и прецизно да ги детектира и координира активностите на институциите“, истакна Спасовски.

Тој, исто така, тој посочи дека: “она што е особено важно за МВР, е севкупното засилување на капацитетите на Одделот за сузбивање на организираниот криминал и корупција, практично  како носечка организациона единици на македонската полиција во борбата против сите форми на организиран и сериозен криминал. До крајот на годинава, а врз основа на добиените препораки,  ние целосно ќе го завршиме отпочнатото кадровско зајакнување на Одделот, но и редефинирањето на неговата организациона поставеност и надлежностите, како носењето на суштински важните методолошки рамки за водење на криминалистичките истраги“.

Министерот Спасовски посебен акцент стави на веќе усвената од страна на владата – Стратегија за зајакнување на националните капацитети за водење на финасиски истраги и конфискација на имот со акционен план. “Документ што, меѓу другото, децидно наложува,  според зацртаната динамика на Акциониот план, до крајот на годинава, целосно да бидат функционални посебните организациони единици  за водење финансиски истраги во повеќе институции, се разбира вклучително и во МВР. Ефикасната борба против организираниот криминал е единствено успешна доколку се детектира и одземе финансиската корист прибавена од кривичното дело. Па следствено на тоа примарна задача е воспоставување концепт за водење финансиски истраги што ќе одат напоредно со самата истрага за организиран криминал“, нагласи Спасовски.

Инаку целта на проектот “Мрежа 23“е да придонесе кон вградувањето на принципите на владеење на правото во Република Македонија, особено низ призмата на Поглавјето 23 од пристапувањето кон ЕУ – правосудство, темелни права и борба против корупцијата.