28/03/2024
Охрид

Левица: Барање до Општина Охрид за доставување на документација за износот по кој се набавени 10 типизирани куќарки

Политичката партија Левица поднесе Барање за пристап до информации од јавен карактер до Општина Охрид и ЈП ,,Градски пазар” – Охрид, врз основа на набавката на 10 типизирани куќарки (урбана опрема), објавена на 05.12.2020 година, на веб страната на Општина Охрид.

„Бараме да ни биде доставена соодветна документација за износот по кој се набавени типизираните куќарки, како и податоци за продавачот, односно изработувачот на истите.

Охридската јавност треба да биде известена за набавката на споменатата урбана опрема и потрошените средства и тоа во услови на пандемија и економска криза, кога десетици илјади работници останаа без работа, десетици илјади семејства останаа без егзистенција, а десетици илјади деца, без можност да следат настава, поради немање компјутери и интернет.

Се надеваме дека Општина Охрид и ЈП ,, Градски Пазар” Охрид ќе покажат транспарентност и ќе им овозможат на граѓаните пристап до овие информации, согласно член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во прилог следат нашите Барања до Општина Охрид за доставување на документација за износот по кој се набавени 10 типизирани куќарки.“ – стои во соопштението од Левица Охрид.