19/04/2024
Охрид

Левица: Безбедноста на учесниците во сообраќајот секогаш мора да биде приоритет

На 9-тата седница на Советот на општина Охрид, советникот од Левица, Виолета Аврамоска, побара да се обезбеди сигнализација на две раскрсници во Охрид, раскрсницата на улица „Железничка“ и улица „Кленоец“ и раскрсницата на улица „Питу Гули“ и улица „Марко Нестороски“.

Овие раскрсници се единствени во Охрид на кои има семафори, но тие не функционираат.

Движењето на раскрсницата на улицата „Питу Гули“ и улицата „Марко Нестороски“ има голема циркулација на возила, особено улицата „Питу Гули“, која е улица со предност на минување. Семафорите на оваа улица веќе веќе подолго време не функционираат, така што практично движењето на возилата кон центарот на градот во утринскиот период, од 7:30 до 8 часот, е многу отежнато.

Со оглед на тоа што во непосредна близина на оваа раскрсница се наоѓа ОУ „Христо Узунов“, вака без сигнализација, загрозена е и безбедноста на учениците, како и на другите пешаци.

Во овој дел наутро има еден полициски службеник, но со тоа не се постигнува никаков ефект, бидејќи училиштето работи во две смени, а треба да се има во предвид и големиот одмор кој го имаат децата.

Токму поради тоа, советникот на Левица предложи на оваа раскрсница да бидат вклучени семафорите сè додека не се изнајде друго соодветно решение за обезбедување на раскрсницата.

Што се однесува до раскрсницата на улицата „Железничка“ и улицата „Кленоец“, исто така беше предложено од советникот на Левица да бидат пуштени во употреба семафорите поради безбедноста на учесниците во сообраќајот, сè до донесување на посоодветно решение од страна на стручните за тоа.


ВебОхрид / 16.03.2022 / Левица ЛО Охрид