Левица: Дали заменик на градоначалникот на Охрид е замешан во нерегуларности на лицитација?

Политичката партија Левица ЛО Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„До Левица – Охрид се обрати наш сограѓанин кој не’ замоли да ја обелодениме вистината за незаконска јавна лицитација за урбана опрема за продажба на храна, на локација број 3 во Градски пазар. Според неговата информација оваа лицитација била незаконска , а во овој настан бил инволвиран заменик на градоначалникот на Општина Охрид.

Според Витан Цветановски , учесник во наддавањето на наведената локација, лицитацијата започнала на 3.06.2021год. во 9 часот. По неколку минути наддавање, лицитацијата завршила пред истекот на предвиденото време за лицитација, односно на 3.06.2021год во 9 часот и 13 минути, со што на Витан  Цветановски му било оневозможено да ја продолжи лицитацијата во определеното време , 9 часот и 15 минути, кога лицитацијата би завршила автоматски.

Победник на оваа лицитација е Војо Илоски, професор во охридската гимназија, близок пријател на заменикот на охридскиот градоначалник, Ристе Николоски , исто така професор во охридската гимназија и актуелен советник во Советот на Општина Охрид, кој , според тврдењето на Цветановски , најверојатно и ортак на Војо Илоски.

Инаку, сомнежот за нерегуларноста на оваа лицитација е уште поголем и поради постигнатата цена за атрактивната локација број 3, од 9300 денари месечно, односно 37.000 денари за четири месеци, иако локациите бр.4 и бр.14 постигнале цена преку 140.000 ден.

Како доказ за нерегуларноста на лицитацијата, Цветановски испрати и фотографии од текот на истата.

Дали е точно дека оваа лицитација е наместена и нерегуларна?

Дали е точно дека во местењето на оваа лицитација е инволвиран заменикот на градоначалникот, актуелен советник во Советот на Општина Охрид и професор по историја во охридската гимназија, Ристе Николоски?

Ако е ова точно, тогаш до каде уште стигаат лепливите прсти на функционерите од локалната власт во Охрид? Поради криминалното работење на локалната власт на СДСМ во Охрид, граѓаните се’ повеќе ја губат довербата во нив и се обраќаат до Левица, бидејќи токму во активистите и членовите на Левица гледаат борци за правда, чесни, искрени и неподмитливи.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.