24/04/2024
Охрид

Левица: Комисијата формирана од градоначалникот Георгиески работела незаконски при легализација на дивоградби

Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Конечниот извештај за извршена ревизија на усогласеност на спроведување на законот за постапување со бесправно изградени објекти во општина Охрид, покажува дека комисијата формирана од градоначалникот, која е задолжена да ја утврди фактичката состојба на лице место (по приемот на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект) го прекршила членот 9 од Законот за бесправно изградени обејкти. Односно, комисијата увидот на самото место, фотографиите и изготвувањето на записникот, ги извршувала по комплетирање на целокупната документација и изработка на геодетски елаборат – а не по приемот на барањето, како што впрочем налага наведениот член од законот. Оваа состојба во пракса може да влијае на злонамерно и манипулативно изменување на првично изградениот објект, односно негово проширување и доградба.

Извештајот покажува огромна бројка на поднесени барања за утврдување на правниот статус на бесправни објекти и тоа 15.939 барања. Оваа ситуација говори дека нов рок или нов закон за продолжување на рокот за поднесување барања апсолутно на општина Охрид не ѝ е потребен. И онака таа бројка е огромна и во иднина, доколку се дозволи истата пракса, ќе продуцира само урбанистички хаос и неможност за властите да се справат со комуналните и водоводни проблеми, кои ќе произлезат од настанатиот хаос.

Дополнително, извештајот покажува неактивност и противзаконско постапување на локалната власт по предметите за кои овластените градежни инспектори утврдиле градежни активности на објекти по поднесено барање за легализација и за кои изготвиле барање за нивно отстранување. Односно надлежните не донеле ниту едно решение досега за отстранување на таквите објекти, согласно член 24 став 2 од Законот за бесправно изградени објекти.

Овој утврден факт дополнително ги потврдува нашите ставови дека целта на централната и локалната извршна власт не е во насока да се спречи урбанистичкиот хaoс, туку владејачката коалиција директно се става во заштита на криминалот и безредието.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.