19/04/2024
Охрид

Левица: Не запира расипничкото трошење на општинскиот буџет

Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Општина Охрид склучила договор за јавна набавка на „Услуги за изработка на зелен катастар на подрачјето на Општина Охрид во рамките на опфатот на Генералниот урбанистички план“ со фирмата ТРИФОР – Скопје, во износ од 581.740 денари. Договорот вклучува: Архитектонски услуги, инженерски услуги и интегрални инженерски услуги, услуги за просторно планирање и инженерски услуги за уредување на земјиштето, поврзани научни и технички советодавни услуги, како и услуги за технички испитувања и анализа.

Ваков договор со комплетно идентичен предмет и фирма, склучила општина Кисела Вода, но за речиси 3.5 пати понизок износ (188.000 денари) споредбено со износот кој го платила општина Охрид.

Договорениот износ за услугите е доказ за расипничкото трошење на општинскиот буџет од страна на градоначалникот Константин Георгиевски, кој наместо да презема конкретни мерки во насока на намалување на задолженоста на општината продолжува со своето нерациолано, непосветено и противзаконско работење, за кое мора да има правна и морална одговорност.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.