29/03/2024
Охрид

Левица: Зошто Нефи Усеини со децении е градоначалник во сенка на Охрид?

Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, со ребаланс на буџетот му додели 2 750 000 денари на ФК Воска, фудбалски клуб во сопственост на Нефи Усеини.

Во една ваква тешка економска ситуација со која е соочено скоро секое охридско семејство, наместо да се одделат средства од буџетот на општината за решавање на социјални проблеми на граѓаните, градоначалникот расипнички ги троши парите на охриѓани, финансирајќи приватни спортски клубови, овој пат спортски клуб на човек од бизнис елитата, контроверзниот Нефи Усеини, градежник со најголем број дивоградби во Охрид.

Се има впечаток дека со децении главниот охридски инвеститор, познат и по тепање инспектори, е градоначалник во сенка во Охрид. Зошто оваа контроверзна фигура е толку важна личност за владејачките партии и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ? Дали поради тоа што Усеини е личноста која секогаш одлучува за исходот и резултатот на секои локални избори во Охрид  со местење на изборите, секако во корист на владејачката коалиција во Р. Македонија, било да е тоа двоецот ДУИ – ВМРО ДПМНЕ  или ДУИ- СДСМ.

Повозрасните охриѓани сигурно добро се сеќаваат на инцидентот на локалните избори кога Усеини со пукање од огнена оружје во Делјан, решаваше за исходот на локалните избори, инцидент во кој беше ранет тогашниот претседател на Демохристијанската партија. Оттогаш, Нефи стана најзначајната личност во Охрид и градоначалник во сенка во Охрид.

Останува градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, СДСМ Охрид и Советот на општина Охрид  да дадат објаснување зошто парите на охриѓани се трошат на ваков расипнички начин и тоа пред избори?

Дали и овојпат Нефи Усеини и избирачкото место Далјан, со полнење на гласачките кутии ќе одлучат за исходот на локалните избори?  Дали овие средства од буџетот на општината издвоени за ФК Воска всушност треба да бидат дел од предизборниот поткуп на Нефи Усеини?“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.