28/03/2024
Македонија

Локалните инвестиции клуч за национален одржлив развој и економско закрепнување

Инвестициите во корисни и вредни инфрастуктурни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните на локално ниво, треба да бидат еден од клучните носители на одржливиот развој и економското закрепнување во претстојниот посткризен период. Ова е главниот заклучок од денешната дебата, организирана од УНДП со поддршка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – Сида, на која учествуваа членови на владиниот кабинет, амбасадори, градоначалници, претставници на донаторската заедница и други релевантни чинители. Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се осврна на повеќе механизми преку кои централната власт придонесува за реализација на капитални инфраструктурни проекти на локално ниво.

„Имаме сериозни намери да го подигнеме нивото на имплементација на сите капитални проекти, независно дали станува збор за проекти финансирани од централната или од локалните власти и во таа насока формираме централна единица за мониторинг и спроведување на капиталните проекти, која ќе гарантира повисоко ниво на ефикасност и ефективност во реализација на сите овие проекти, затоа што за секој граѓанин е најважно какви се условите за живот таму кадешто живее, а тие мора да бидат достоинствени и уште поважно, исти за сите“, потенцираше вицепремиерот Битиќи.

На настанот беше презентиран Фондот за техничка документација, преку кој е „подготвен теренот“ за реализација на вкупно 58 инфраструктурни проекти во државата. Изработена е сеопфатна техничка документација за проекти во 47 општини и два плански региони. Дополнително, како одговор на пандемијата со COVID-19, се обезбеди техничка документација за реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на девет болници.

Oва е само почеток на една успешна приказна. Вкупната сума потребна за реализација на овие 58 проекти изнесува 126 милиони американски долари. Неопходно е сите да се мобилизираме за да стигнеме до крајната цел, бидејќи овие проекти ќе обезбедат заштита на животната средина, посигурно водоснабдување, квалитетни јавни објекти, енергетски ефикасни училишта и болници и подобри патишта, но во исто време ќе значат и „ветер во грб“ за капиталните инвестиции и за исполнување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Фондот за техничка документација е една од компонентите на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, кој го имплементира УНДП во соработка со Министерството за локална самоуправа, додека финансиската поддршка е обезбедена од Шведска.

„Како еден од најголемите билатерални донатори во државата, Шведска е долгогодишен поддржувач на развојот на Северна Македонија и процесот на приближување кон ЕУ. Бележиме дека во тек се неколку значајни реформи и Шведска ќе остане сигурен партнер на тој пат преку седумгодишната Стратегија за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021 – 2027, која неодамна ја усвои Шведската влада. Континуираната соработка со земјите од регионот е во насока на зајакнување на условите за демократски и инклузивен развој на патот кон ЕУ. Токму тука доаѓаат до израз овој проект и Фондот за техничка документација кој е дел од него, бидејќи создавањето можности за зголемување на искористеноста на расположливите средства за локални инфраструктурни проекти е важен аспект во насока на унапредување на одржливиот локален развој во корист на граѓаните“, рече амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон.

Министерот за финансии Фатмир Бесими порача дека постигнувањето локален и регионален развој е една од клучните цели на владината програма и токму во оваа насока се изработени Планот за забрзан економски раст, Предлог буџетот за 2022 година и реформата за фискална децентрализација. 

„Со оваа реформа се доделуваат повеќе средства на општините. Тоа се постигнува со зголемување на сегашните 3% предвидени приходи за општините од данокот на личен доход на 6% и на стапката на дотација од ДДВ од 4,5% на 6%, коишто ќе се применуваат од 2024 година“, истакна Бесими. 

Проектот предизвика голем интерес и дури 80% од општините во државата аплицираа да добијат подготвена техничка документација за важни инфраструктурни проекти. Во рамките на Фондот за техничка документација се работеше и на развој на капацитетот на општинската администрација, со цел во иднина да можат самостојно да спроведуваат иницијативи за реализација на проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот на нивните жители.