Лозарите ги добија субвенциите пред почетокот на новата реколта, исплатени 9 милиони евра за одржување на лозови насади
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 9 милиони евра за субвенции за одржување на лозови насади, ова денеска во Струмица го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на работната средба со земјоделци од струмичкиот регион.
„Како што ветивме, пред почетокот на новата производствена реколта, ден пред празникот Свети Трифун, Платежната агенција исплати близу 9 милиони евра на 15.208 лозари. Овие пари директно се враќаат кај лозарите, за да ги вложат во новото поизводство, за да произведат квалитетно грозје за производство на нашето познато македонско вино“, изјави Николовски.
Николовски потсети дека кон средината на следниот месец ќе започне исплатата на долгот што го имаат дел од винарниците кои биле регистрирани во МЗШВ за откуп во периодот од 2014 до 2016 година, а не им го платиле откупеното грозје на лозарите. Паралелно, Платежната агенција започнува со обработка на решенијата за исплата на дополнителната субвенција од 1 денари по килограм откупено грозје од винарниците за винско грозје од 2018, и истата ќе биде исплатена по обработката на решенијата.
Николовски посочи дека и оваа година во новата Програма за директни плаќања, продолжувa поддршката за лозарите со развоен потенцијал, односно 20 отсто повисоки субвенции за лозарите со насади од 1 до 10 хектари, кои наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, како и субвенцијата од 12.000 денари по хектар за промена на сортиментот.
Годинава е зголемена и поддршката за промоција на македонските вина на меѓународните саеми, а дополнително се воведува и мерката за евтина зелена нафта, преку која лозарите ќе добијат помош за порентабилно производство.
За модернизирање и развој на оваа гранка важни се инвестициите кои што ги нудат мерките од ИПАРД 2 Програмата. Конкретно, мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ нуди можност за 60 отсто кофинансирање од висината на инвестицијата за подигнување на лозови насади и набавка на систем капка по капка, а мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи нуди 50 отсто кофинансирање на инвестиции за изградба на винарници, набавка на опрема и друго.
https://www.youtube.com/watch?v=jXEJaJxJ5zA