20/04/2024
Македонија

Македонците во Бугарија се приклучуваат кон кампањата на ММДЧП „Нашето име е Македонија“

Најновите билборди за „Нашето име е Македонија“ содржат пораки за Македонците во Република Македонија од потчинетите Македонци од Пиринска Македонија, во кои се вели: „Не ми го одземајте името и идентитетот“.

„Се мачиме да ги оствариме нашите основни човекови права и да се признае на тоа што сме – Македонци. Бугарија не го признава нашето постоење и нè прогонува само врз основа на нашето македонско етничко потекло. Ако Република Македонија го смени името, таа ќе го загрози идентитетот на Македонците од целиот свет. Како што е случајот и со антимакедонскиот „Договор за пријателство“, овој чекор само ќе и’ помогне на Бугарија во остварувањето на нејзината цел да ги избрише Македонците од постоење.“ – изјави Ѓорги Христов главен уредник на македонскиот весник во Бугарија „Народна волја“.

„Дури и ако заборавиме на едноставниот факт дека Грција, а ниту некој друг нема никакво право да бара промена на името на Р Македонија, „преговорите“ јасно покажаа дека она што Грција сака всушност да го промени е македонскиот идентитет. И Грција и Бугарија во лицето на своите највисоки претставници недвосмислено изјавија дека Македонија може да влезе во Европа но не “македонизмот”, поим со кој тие го етикетираат македонскиот идентитет. А за идентитетот и не смее да се преговара.“ – изјави Иван Сингартијски, Копретседател на ОМО Илинден ПИРИН.

Во текот на последните две децении, Обединетите нации, Стејт Департментот на САД, Европскиот суд за човекови права, Европската комисија против расизам и нетолеранција и Хјуман Рајтс Воч, меѓу останатите, заклучија дека Грција и Бугарија постојано ги прекршуваат правата на Македонците во тие земји и побараа од Грција и Бугарија веднаш да ги признаат своите македонски малцинства. Оваа поддршка се случува зашто Македонците од соседните држави, со помош на ММДЧП, го бранат своето права на постоење и апелираат до меѓународната заедница да ги одбрани нивните најосновни човекови права, во согласност со универзално прифатените и ратификувани конвенции за човекови права.

Стојан Герасимов претседател на Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, кој самиот лежел 5 години затвор заради својата националност повикува: „Македонци во Република Македонија – вие морате да се борите исто како нас. Прекинете ги преговорите за името, а светот во тоа ќе ве поддржи. Бранете се себеси и ќе бидете одбранети. Нашето име е Македонија. Барајте да се почитува и тоа и ќе го добиете“.

Македонско меѓународно движење за човекови права (ММДЧП)