„Македонија: Евроатлантска интеграција, нови предизвици и можности“ – Конференција во МНР

Денес, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа Конференција на тема: „Македонија: Евро – атлантска интеграција, нови предизвици и можности” во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи на Република Македонија, во соработка со Европскиот Центар за безбедносни студи Џорџ К. Маршал како и Алумни Асоцијација на Маршал Центар – Република Македонија.

Конференцијата ја отвори Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи, кој нагласи дека во изминативе десет месеци, земјата постигна огромен напредок во однос на демократските процеси, со посебно внимание на добрососедските односи и регионалната соработка со што покажавме зрелост дека сме подготвени да бидеме рамноправен партнер и сојузник на НАТО и Европската Унија.

Воведни излагања имаа и г. Стево Пендаровски, национален координатор зачленство на РМ во НАТО, амбасадорот на СР Германија, H.E. Томас Норберт Герберих, амбасадорот на Француската Република, H.E. Кристијан Тимоние,  морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје, како и амбасадорот Абдулкадар Мемеди, Директорот на ИГИНП.

Фокусот на Конференцијата беше насочен кон реформските зафати неопходни за исполнување на критериумите за членство во НАТО и напредокот остварен во евроатлантскиот интегративен процес, во духот на безусловната препорака на Европската Комисија за отварање на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Во рамките на Конференцијата, се одржаа два специјализирани панели на тема: „Членство во НАТО” / – „Членство во ЕУ” .

Konferencija vo MNR 01

На Конференцијата присуствуваа високи претставници на Европскиот Центар за безбедносни студи Џорџ К. МаршалНАТО, дипломатскиот кор, Министерството за одбрана на Република Македонија, други државни институции, академската заедница и невладиниот сектор.

Заклучни согледувања, по отворената дебата, дадоа амбасадорот Абдулкадар Мемеди, проф. др. Стојан Славески, претседател на Алумни Асоцијацијата на Маршал Центар – Република Македонија, како и Рајан Бек, специјалист за односи со Алумни од Европскиот Центар за безбедносни студи Џорџ К. Маршал.