18/04/2024
Спорт

Македонија го започна Европското првенство со победа против Словенија

Машката сениорска репрезентација на Македонија во максимално неизвесен натпревар ја совлада третопласираната селекција на последното Светско Првенство, Словенија, за отворање на ЕП 2018 во Загреб.

Избраниците на Раул Гонзалез знаеја како да го одржат силното темпо на игра во текот на целата средба, а во текот на првото полувреме успеаја да се вратат и од негатива од три гола која ја имаа во неколку наврати и до паузата да изедначат на 11-11.

Во второто полувреме нашиот состав почна одлично, со 4 гола во низа за водство од 15-11, но Словенија успеа резултатски да се врати во продолжението и на 10 минути до крајот изедначи на 21-21.

Во трилер-завршницата, Манасков беше стрелец на два гола за Македонија, а погодија и Кирил Лазаров и Филип Лазаров. При водство на Македонија од 25-24 во последната минута од средбата, добрата одбрана на нашата репрезентација ги примора Словенците на грешка во нападот, по што Македонија ја задржа топката за голем триумф од 25-24.

Дејан Манасков со 8 голови го заврши мечот како најпрецизен во нашиот тим, а капитенот Кирил Лазаров додаде 7 голови. Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски одиграа особено впечатлив натпревар за Македонија, а што се однесува до голманите, Никола Митревски забележа 9 одбрани, додека Борко Ристовски спречи 5 шута на Словенците.

Најдобра акција на натпреварот беше онаа на Талески, израмнувањето од 11:11 од финишот на првото полувреме, погледнете:

Во другата денешна средба од нашата Група Ц, Германија убедливо ја совлада Црна Гора. Следниот натпревар Македонија ќе го игра против Црна Гора во понеделник (15.01.2018) во 20:30 часот.

WebOhrid